skip to Main Content

Поповски-Тимоние: Македонија оди во правилна насока, има поддршка од Франција

Поповски-Тимоние: Македонија оди во правилна насока, има поддршка од Франција
  • 23.08.2018

Министерот за комуникации, отчетност и транспарентност Роберт Поповски денеска оствари средба со францускиот амбасадор во Македонија Кристијан Тимоние, на која станало збор и за деталите на одлуката на Владата за обезбедување 80 милиони денари од тековната буџетска резерва за спроведување кампања за референдум, врз основа на одобрен план, на Собранието на Република Македонија.

Како што соопшти владината прес-служба, двајцата соговорници се согласија дека процесот на планираната комуникација од јавен интерес, информирањето за референдумот, треба да биде базиран на принципите на објективност, транспарентност и рационалност.

– Граѓаните на Република Македонија треба да знаат дека ЕУ е наш демократски партнер и нашата иднина, истакна министерот Поповски. Тој подвлече дека договорите со Бугарија и Грција се пример за унапредување на односите на соработка и пријателство меѓу соседите во регионот и дека со тоа се испраќа порака до ЕУ и до НАТО дека земјите во регионот имаат раководства кои се однесуваат европски, а нивните земји заслужуваат европска перспектива.

Амбасадорот Тимоние, се посочува, ја поздрави транспарентноста и отчетноста на Владата, оценувајќи дека работата на министерот Поповски дава значајни резултати во демократските промени во Република Македонија, особено во областа на слободата на медиумите. Тој со министерот Поповски разговараше и за измените на Изборниот законик, при што двајцата соговорници, заеднички заклучија дека треба да се земат предвид укажувањата на новинарските здруженија и медиумите, поврзани со дел од одредбите од Законикот кој се однесуваат на онлајн медиумите, порталите.

Министерот Поповски, воедно, упати повик до опозицијата за одблокирање на процесот на донесување на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги повторувајќи дека измените се во насока на создавање услови за независно и професионално работење на МРТВ, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и на сите медиуми во Македонија, што е во насока на заложбата на Владата да работи транспарентно и отчетно.

– Македонија оди во правилна насока и земјата ја има поддршката на Франција во интеграциските процеси, кои отвораат перспектива за економски и севкупен развој, му порача францускиот амбасадор Кристијан Тимоние на министерот Поповски, стои во соопштението.

Back To Top