skip to Main Content

„Печат на неделата“: На патот кон ЕУ помеѓу Берлин и Париз

„Печат на неделата“: На патот кон ЕУ помеѓу Берлин и Париз
  • 12.06.2019

Гости во емисијата „Печат на неделата“ со уредникот Сашо Ордановски беа амбасадорот Ѓорѓи Филипов и пратеничката Ивана Туфегџиќ, кои зборуваа за патот на Северна Македонија кон ЕУ помеѓу Берлин и Париз.

На самиот почеток Филипов истакна дека нема потреба од драма затоа што ова е увертира на тоа што следува, но и дека влијаат многу фактори за да се добие датум за преговори, без разлика дали тоа ќе биде летово или на почетокот на есента, додека пак Туфегџиќ смета дека светла точка е тоа што само за две години, Македонија успеа од затворена земја да биде блескав пример во регионот.

„Мислам дека во овој момент не треба да има драма, важно е каква порака ќе испрати ЕУ до нас и во поглед на компромисот за Договорот од Преспа. Не мислам дека тоа нема да ни значи многу, мислам дека ќе значи многу особено за Маакедонија. Ние сме фрагилна демократија. Земја во која до пред две години се збореше дека е затворена држава и беше на работ на граѓанска војна, а сега е светол пример на Балканот. ЕУ може да изгуби од својот кредибилитет, особено кога станува збор за евроскептиците“, рече Туфегџиќ.

Амбасадорот Филипов ја објасни целата структура на Европската Унија, како и начинот на функционирање, но и за неодамнешните европски парламентарни избори и колку тие ќе влијаат за иднината на нашата земја во европското семејство.

„ЕУ е една структура. Не е тоа една земја. Тоа е матрица во која има повеќе јазли. Едно е ЕК, второ е ЕП. Трето е Генерален Совет за препораките на ЕУ, а друго е Советот на ЕУ, кој ќе ги гледа од нивен аспект. Како што во ОН имате слична ситуација со Советот за безбедност. До пред неколку години во Германија, можеше нешто да предложи и самиот канцелар, но се донесе одлука се промени Уставот и за секое поважно прашање, мора да гласа германскиот парламент, а камоли за ова прашање за еден сојуз за да може да влезе уште една членка. Свесни за неусогласеноста на сите членки не сакаат да донесат одлука која може на Советот на Унијата да падне. Има уште еден важен момент. Неодамна се одржаа европските парламентарни избори. Европската народна партија изгуби многу гласови. Македонија нема никаква вина, ние не сме колатерална штета, едноставно да се навикнеме на европската реалност“, рече Филипов.

Целиот разговор погледнете го во видеото.

Back To Top