skip to Main Content

Патот до Америка чини 25.000 евра – Три лица обвинети за трговија со луѓе и криумчарење мигранти

Патот до Америка чини 25.000 евра – Три лица обвинети за трговија со луѓе и криумчарење мигранти
  • 02.04.2019

Обвинение за три лица за организирање на група и поттикнување на извршување на делата трговија со луѓе, трговија со дете и криумчарење на мигранти. За 20 до 25 илјади евра, обвинетите им давале фалсификувани патни исправи на мигранти, ги пренесувале преку државната граница и им обезбедувале целосно патување преку земјите членки на Европската Унија и Доминиканската Република, до земјите на крајна дестинација САД и Канада. Врбувањето мигранти и нивното кримчарење обвинетите го вршеле во периодот од јуни 2016 до август 2018. Групата плаќала автобуски и авио билети и плаќала за времено сместување на мигрантите. Обвинетите веќе се наоѓаат во притвор, а обвинителството за организиран криминал бара продолжување на притворот.

„Осомничените како организатори на криминалната група го планирале бројот на илегалните мигранти (обично од двајца до четворица) кои требало да бидат криумчарени, го договарале временскиот период и рутата по која ќе биде реализирано криумчарењето, како и локациите на кои во текот на криумчарењето мигрантите времено ќе престојуваат“ – соопштуваат од обвинителство за гонење организиран криминал и корупција.

Во последниве три месеци, беа пресечени неколку канали за кримчарење мигранти. Иако мигрантската рута официјално е затворена, секојдневни се обидите на голем број мигранти преку земјава да стигнат до западноевропските држави. Од МВР велат дека се во комуникација со нивните грчки колеги и дека нема најави за нов поголем бран.

„Во постојан контакт сме со колегите од пријателските држави, според податоците нема најави за нов поголем мигрантски бран“ вели портпаролот на МВР, Тони Ангеловски.

Пред само неколку дена, мигрант загина во несреќа кај Удово кога скокнал од возилото плашејќи се од полиција. Според проценките, над 1 милион мигранти поминале низ земјава за време на бегалската криза, а досега околу 30тина го загубиле животот на територијата на Северна Македонија.

Кристина Атовска

Back To Top