skip to Main Content

Панел: Северна Македонија позитивен пример за цел Западен Балкан

Панел: Северна Македонија позитивен пример за цел Западен Балкан
  • 08.05.2019

Северна Македонија е позитивен пример меѓу земјите од Западен Балкан. На Берлинскиот самит беше упатена јасна порака дека овие два месеци за сите држави во Западен Балкан ќе бидат месеци на одговорност и отчетност. Сите земји од регионот треба да вложат заеднички напори за да не се нарушат процесите за членство во Европската Унија.

Ова беше порачано денеска на Панел-конференцијата „Западен Балкан и евроатлантските вредности“, на која покрај домашни претставници, учествуваа и експерти од земјите од регионот, во рамки на одбележувањето на европските денови во земјава.

Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи рече дека Северна Македонија сега влегува во последните 20 дена пред објавувањето на овогодинешниот извештај на Европската комисија, изразувајќи очекување дека тоа ќе биде извештај врз основа на кој земјава ќе добие одлука за започнување преговори со ЕУ во јуни.

Рече дека по доброорганизираните претседателски избори, земјава сега влегува во една политичка предвидливост и стабилност.

– Во овие дваесет дена ќе ја концентрираме целата општествена, државна и политичка енергија да не оставиме никаков аргумент за прво да го добиеме најчистиот извештај и позитивната препорака, но и позитивна одлука, рече Османи.

Најави дека в петок во Брисел пред Европската комисија ќе го има последното обраќање пред изештајот.

– Тоа е формална процедура, што се прави пред затворање на извештајот, што не значи дека со утре ги завршуваме нашите активности, бидејќи останува во наредните 20 дена, секоја покрупна промена да влезе во извештајот на ЕК, рече Османи.

Душан Јањиќ од Форумот за меѓуетнички односи во Србија, рече дека кога ќе се погледне текот на политичките процеси, она што беше карактеристично за Северна Македонија, покрај некои инциденти, земјата никогаш не се најде во подлабока безбедносна криза од која што не можеше да излезе и оти на секогаш на позитивен начин се соочуваше со сите работи и оти агендата на земјава сега делува сосема јасна.

– Дури и мислам дека однадвор, токму така делува и членството во НАТО, која е политичко безбедносна организација и членството таму значи исполнување многу политички услови што ќе и го олеснат на оваа држава отворањето и затворањето на поглавјата. Од таа гледна точка Македонија може да биде пример за две работи во регионот – пред се за избегнување конфликти од кои понатаму не може да се излезе, и за макотрпната политичка соработка и процеси за да се дојде до носење одлуки. И сметам дека тоа се многу важни работи, оцени Јањиќ.

Напомена дека на Западниот Балкан остануваат две големи незавршени работи. Првата, е процесот на дијалог меѓу Косово и Србија.

– Знаеме дека до неодамна тој процес беше клинички мртов. Сигурен сум дека со состанокот во Берлин и настаните во Македонија, внесуваат нов дух и енергија дека повторно треба да се обноват процесите на преговарање и дијалог. И тука ги очекувам првите резултати во јули. Овие два месеца за сите нас во Западен Балкан, во Берлин се наречени месеци на одговорност и отчетност. Македонија има своја агенда, новото раквоодство со новоизбраниот претседател ќе излезе со јасни процеси на преговарање и разговори со јасен патоказ за членство во ЕУ. А Србија да се врати на обновување на дијалогот со Приштина, истакна Јањиќ.

Посочи дека сите земји од Западен Балкан треба заеднички да вложат напори и не треба да се нарушат процесите за членството во ЕУ.

– Да ја смениме реториката и да се подготвуваме за потпишување на чинот за нормализација на односите, бидејќи е мошне важно, бидејки сите ќе се најдеме на Денот на Европа во едно заедничко семејство што ќе биде специфично со својата балканска природа, истакна тој.

Во однос на тоа дали 2025 е преоптимистичка за влез на земјава во ЕУ, Јањиќ рече дека не сака да калкулира со датуми, но тоа се датуми што ги бараа лидерите на Западен Балкан и Јукнер ја посочи 2025 година, па потоа и 2030 година.

– Реално да ви одговорам на прашањето, ако ја земете Србија, која беше најблизу до членство во ЕУ, заедно со Црна Гора, но овие две години на некој начин се изгубија и приказната за разграничување не врати неколку години наназад. И во меѓувреме отвори само едно поглавје. Не може да се предвиди точно датумот, но сакам да кажам дека Црна Гора ги има во моментиот сите услови со најмногу отворени и најмногу затворени поглавја, има солидни капацитети, да ги покрие сопствените потреби и да стане членка на ЕУ. И во Македонија е забрзан процесот, но треба да се отворат и затворат 35 поглавја. Само погледнете ја агендата на ЕУ, за да станете членка во 2025, се мора да се затвори во 2023 година, и дотогаш ЕУ треба да се изјасни дали ве сака или не. А тоа е нереално, подвлече Јањиќ.

Оцени дека освен тоа, земјите од Западен Балкан имаат проблем и со владеење на правото, корупцијата, и разрешувањето на лошите инвестициски економсми потези.

– Од тоа гледиште би сакал и мојата земја Србија да влезе до 2025, но сметам дека земјите од Западен Балкан ќе станат членки на ЕУ во 2030 година. Кога ќе влезете во ЕУ треба да бидете подготвени со конкуренцијата со која ќе се соочите, а не да ве примат набрзина како Бугарија и Романија и да немате исполнети услови и да се враќате назад уште повеќе, оцени тој.

Јањиќ спомена дека доколку Србија и Македонија потпишат договор за добрососедство,  фокусот на тоа би бил во заедничкото настапување пред ЕУ со заеднички проекти, како што е инфраструктурно поврзување, културна соработка, проток на млади, соработката во полето на човековите права, малцинските групи, правата на верските заедници.

– Тука треба да се спомене и демаркацијата на неколку гранични линии, не станува збор за разграничување на тетироријата туку за демаркација, како и пристапите кон некои манастири кои се наоѓаат во пограничнте области меѓу Србија и Македонија, посочи Јањиќ.

Моника Беговиќ од Центарот за меѓународни студии во Загреб рече дека претседателските избори во земјава беа уште чекор на европеизација на земјава, и вчерашната посета на папата Франциск се дел од усвојувањето на европските вредности, што се показатели на самата политика Северна Македонија.

– Северна Македонија за целиот Западен Балкан станува позитивен пример, на нешто што се нарекува трпеливост. Земјата покажа дека трпението се исплати. Вие сте само на еден чекор на влез во НАТО, и ги задоволивте и исполнивте сите барања и критериуми, низ кои треба повторно да се помине, и знаеме дека пречката беше решавањето на спорот со името. Сето тоа претставува позитивен пример за приближување кон европската интеграција, рече Беговиќ.

Back To Top