ОЈО ќе бара меѓународна правна помош ако Русија не одговори на барањето да се лоцира и стопира објавувачот на новите бомби

Се уште се чека одговор од Русија за објавувањето на нелегалните аудио снимки – дознава 1ТВ. Наши извори во обвинителството брифираат дека побарале од Русија да помогне во откривањето на идентитетот на лицето кое се крие зад псевдонимот Громовник на социјалната мрежа Вконтакте, но и да се спречи евентуалното идно објавување на вакви снимки. Ова е побарано од руските власти уште по објавувањето на првите три бомби, а до овој момент се уште нема никаков одговор. Доколку Русија не се огласи, нашите извори од обвинителството велат дека ќе се обратат до Интерпол и ќе побараат да стапи во контакт со тамошните власти за да се обезбедат информации за објавувачот на аудио снимките. Ако и напорите преку Интерпол да се влезе во траг и да се спречи Громовник не успеат, тогаш обвинителството ќе бара меѓународна правна помош – процес што би траел многу подолго.
На профилот Громовник, во време на објавување на последната бомба, беше напишано дека се наоѓа во Будимпешта, но познавачите велат дека тоа ништо не значи, со оглед на фактот дека многу е лесно, со софтверска апликација, да се промени ИП адресата и да се даде лажен приказ за моменталната локација. Социјалната мрежа ВКонтакте е најголема и најпопуларна во државите од поранешниот Советски Сојуз, а нејзиното седиште е во Санкт Петербург. Мрежата досега меѓу своите активности, може да се пофали и со организирање на хакерски натпревари. ВКонтакте, според досегашната пракса, не подлежи на истите меѓународни регулативи кои важат за Фејсбук и останатите социјални мрежи под неговата капа.
Кристина Атовска
1tv.mk: Преземањето на авторски содржини обајавени на оваа страница е дозволено само делумно (маx. до 30 насто од содржината) и со ставање хиперлинк до содржината којашто се цитира. Непридржувањето до ова правило ќе значи крадење на информациите и соодветно ќе се санкционира од страна на BMJ Мedia Group, согласно позитивните законски норми.