ОЈО издаде наредба за анализа на крвта и урината на возачот на автобусот

Дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје врши увид на лице место на тешката сообраќајна несреќа која се случи на автопатот Скопје – Тетово и во која до овој момент 13 лица го загубија животот, а повеќемина се повредени.
Според првичните информации од увидот, несреќата се случила попладнево кога автобус на компанијата „Дурмо турс“ со гостиварски регистарски таблици преминал преку заштитната ограда на спротивна страна од автопатот, потоа излетал од патот и се превртел во близина на селото Ласкарци.
Во насока на утврдување на причините за несреќата, јавниот обвинител ќе издаде наредби за обдукција на починатите лица, како и за вонреден технички преглед на возилото. Во текот на ноќта местото на несреќата ќе биде обезбедено, а увидот и извлекувањето на автобусот ќе продолжи во текот на утрешниот ден.
Возачот на автобусот е повреден и хоспитализиран, а од страна на надлежен јавен обвинител е издадена наредба за анализа на крв и урина.
1tv.mk: Преземањето на авторски содржини обајавени на оваа страница е дозволено само делумно (маx. до 30 насто од содржината) и со ставање хиперлинк до содржината којашто се цитира. Непридржувањето до ова правило ќе значи крадење на информациите и соодветно ќе се санкционира од страна на BMJ Мedia Group, согласно позитивните законски норми.