skip to Main Content

(Видео) Официјално: Столтенберг ја објави поканата за Македонија

(Видео) Официјално: Столтенберг ја објави поканата за Македонија
  • 11.07.2018

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг својот десетминутен говор за исходот од денешните заклучоци на Самитот го заокружи со објавата дека Македонија добива официјална покана за почнување преговори. Столтенберг истакна дека ја поздравува историската спогодба на Македонија и Грција и дека е време земјава да се приближи до Алијансата. Во кратката информација која Столтенберг ја даде за Македонија, нагласи дека исполнување на одредбите од договорот остануваат услов за членство.

„Вратата на НАТО е и ќе остане отворена. Топло го поздравуваме историскиот договор од минатиот месец меѓу Атина и Скопје и денеска се согласивме да ја поканиме Владата од Скопје да ги почне пристапните преговори, штом ќе се завршат сите национални процедури за финализирање на договорот за името, земјата ќе му се приклучи на НАТО како 30-та членка“.

На новинарско прашање дали и без исполнување на одредбите на договорот Македонија може да стане членка на НАТО, Столтенберг категорично одговори дека ставот на Алијансата останува непроменет –исполнување на договорот па потоа влез во НАТО. Тоа зависи од граѓаните на Македонија- потенцираше генералниот секретар.

Во текот на утрешниот ден се очекува Столтенберг официјално да му ја врачи поканата на премиерот Заев. По завршување на НАТО Самитот, македонските партии ќе имаат средба во Собранието за да ги усогласат ставовите и датумот за референдум – ова го најави премиерот Заев во интервју за светска агенција, изразувајќи надеж дека до 15 јануари ќе бидат завршени и уставните промени што би значело и пристапување кон НАТО.

Кристина Атовска

Back To Top