skip to Main Content

Офанзива на СИРИЗА пред изборите – Караманлис прифатил „Македонија“ со двојна формула

Офанзива на СИРИЗА пред изборите – Караманлис прифатил „Македонија“ со двојна формула
  • 02.07.2019

Во пресрет на парламентарните избори закажани за 7.јули, владејачката партија на премиерот Алексис Ципрас, СИРИЗА, ја изненади партијата на главниот противкандидат за премиер, Кирјакос Мицотакис, дека поранешниот лидер, Костас Караманлис во својство на премиер, во 2005 година прифатил име Македонија.

Караманлис ја предводеше партијата „Нова Демократија“ од 2000 до 2009 година.

Причината поради која Ципрас и СИРИЗА го објавија писмото на Караманлис упатено до тогашниот американски претседател, Џорџ Буш помладиот е со цел да изнесат пред грчката јавност, дека Нова Демократија, која строго се противи на Преспанскиот договор е лицемерна партија.

Според писмото, клучно е што Карманлис ја прифаќа двојната формула како појдовна основа за конечно решение на спорот за името, а Македонија да не го менува Уставот.

„Името што е предложено од страна на Специјалниот претставник е „Република Македонија – Скопје“, кое би се користело непреведено. Ова име би се користело за сите официјални намени во рамки на системот на Обединетите нации. Понатаму, предлогот ги повикува другите меѓународни организации, како и Соединетите држави, да го користат гореспоменатото име за меѓународна официјална намена. Уставното име „Република Македонија“ ќе продолжи да се користи за внатрешна намена во рамки на ФИРОМ, што значи дека нема да има уставни измени што би можеле да имаат негативни несакани ефекти на Охридскиот договор од 2001 година, што е потребно. Овој предлог не ги задоволува нашите позиции, но ние ќе бидеме подготвени да го прифатиме како основа за решение“, се вели во писмото од Караманлис до Буш меѓу другото.

Освен тоа што одлучил да не се бараат уставни измени, на Караманлис му се препишуваат и тоа што не го проблематизира прашањето за државјанството односно националноста, како и македонскиот јазик.

Но Преспанскиот договор постигнат меѓу владите на Алексис Ципрас и Зоран Заев, од самото потпишување е трн во око и политичка алатка во јавниот дискурс за опозициите и во Македонија и во Грција.

Првиот македонски опозиционер, Христијан Мицкоски, во бројни јавни настапи договорот го има карактеризирано како „капитулантски“, додека неговиот грчки колега Мицотакис, со слична реторика издејствува фаворитска улога за премиерската фотелја, притоа добивајќи ги и европските избори и локалните.

Со оглед на условената препорака од самитот во Букурешт 2008 година за влез на Македонија во НАТО по решавање на спорот за името, „Република Северна Македонија“ според сите очекувања, ногу наскоро треба да стане полноправна 30-та членка на безбедносната Алијанса.

 Влатко Чаловски

Back To Top