skip to Main Content

Откако прогласи победа Пендаровски првата изјава ја даде за 1ТВ: Во јуни очекувам датум за преговори и закон за СЈО

Откако прогласи победа Пендаровски првата изјава ја даде за 1ТВ: Во јуни очекувам датум за преговори и закон за СЈО
  • 05.05.2019

Избраниот претседател Стево Пендаровски, откако прогласи победа на изборите, првата изјава за медиум ја даде за 1ТВ. Како што рече, во јуни очекува датум за преговори и кога ќе влезе во кабинетот, сака да ги има потребните кадри за да се вклучи во евроатлантските напори.

-Работата со НАТО е доста заодена, но во однос на ЕУ е потребно уште малку дополнително дипломатско лобирање, рече Пендаровски.

Со оглед на тоа дека фалат многу амбасадори во дипломатската мрежа, очекува дека ќе пополни добар дел од нив, но нема да постигне за сите во краткото време пред самитот во јуни.

-Таму состојбата е срамна. 22 амбасади немаат амбасадор. Немаме амбасадор кај стратешкиот партнер Вашингтон, немаме амбасадор во НАТО. Да не кажувам каде сѐ немаме – 22. Ќе направам сѐ, бидејќи сега нема да има потреба да се расправаме како со Иванов до сега, тоа да се затвори што побрзо, но за јуни не верувам дека ќе успееме да затвориме поголем дел. Сепак, ќе работиме преку летото, рече Пендаровски.

Според него, од итните реформи што треба да ги преземе Владата за да го добие датумот за членство во ЕУ, на краток рок, прво треба да го донесе законот за СЈО и да го стави во рамките на редовното обвинителство.

-Без тоа немаме шанси да разговараме за датум за преговори, двотретински е законот, верувам во ова што го слушам дека се прават напори да се обезбедат две третини, бидејќи тоа е од интерес за сите. Не само да гони што било, криминал од порано, туку да ги гони и сегашните и идните криминалци.

Пендаровски вели дека ВМРО-ДПМНЕ не мора да му честита, но како претседател за сите, тој ќе им пристапи како на политички субјект за сите битни законски проекти од кои зависи иднината на земјата.

Back To Top