skip to Main Content

Османи: Подготвени сме да преземеме радикални реформи за влез во ЕУ

Османи: Подготвени сме да преземеме радикални реформи за влез во ЕУ
  • 24.04.2018

Вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи пред учесниците на самитот на Процесот на соработка на Југоисточна Европа (ПСЈИЕ), кој се одржува на Брдо кај Крањ, порачал дека за интеграцијата во Европската унија е создаден моментум кој е убеден дека ќе биде искористен.

„Создаден е моментум кој убеден сум ќе знаеме да го искористиме. Мотивацијата со којашто влегуваме во овој процес е силна и како држава подготвени сме да преземеме брзи, и таму каде што е потребно, радикални реформи”,  изјави Османи, посочувајќи притоа на охрабрувачката содржина во минатонеделниот Извештај на Европската Комисија за состојбите и напредокот на земјата, и безусловната препорака за започнување на преговорите за членство во ЕУ.

„Во овие турбулентни времиња важно е тесно да соработуваме за зголемување на вкупната безбедност во регионот”, истакна Османи, подвлекувајќи дека овој Самит овозможува да се осознаат предностите на регионалната соработка, инклузивноста, посочувајќи на квалитетот и предностите при изградбата на добри меѓусебни односи. Во овој контекст, Османи заклучи, дека земјите од Регионот заради заедничкиот географски, историски и социо-економскиот потенцијал треба да ја споделуваат и заедничката европска иднина.

Во рамките на посетата, Османи ќе оствари и билатерална средба со Јоанис Аманатидис, заменик министер за надворешни работи на Грција, каде ќе бидат отворени прашањата за унапредувањето на меѓусебната соработка, предизвиците на тој пат, како и можностите за соработка во насока на искористување на регионалните и европските инцијативи.

Процесот за соработка на Југоисточна Европа е иницијатива за регионална соработка каде покрај Македонија членуваат: Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Грција, Молдавија,Романија, Србија, Турција, Хрватска, Црна Гора, Словенија и Косово чија цел е јакнење на политичката и безбедносната соработка, интензивирањето на соработката на државите во областа на економијата, демократијата, судството, човековите права и борбата против илегалните активности.

Back To Top