skip to Main Content

По одлуката на Уставен суд, продолжува изградбата кај „Мајчин дом“

По одлуката на Уставен суд, продолжува изградбата кај „Мајчин дом“
  • 31.10.2018

Ја поздравувам одлуката на Уставниот суд да не поведе постапка за поднесените претставки за оценка на уставноста и законитоста на ДУП И10 кај Мајчин Дом во Општина Аеродром. Ние работевме со сосема легална документација и ваквата одлука беше очекувана, изјави за 1ТВ инвеститорот на зградата кај Мајчин Дом, Фатмир Етеми. Најави дека со градбата на зградата ќе се продолжи уште утре.

Согласно денешната одлука на Уставниот суд, постапката за донесување на ДУП, била спроведена согласно Законот за просторно и урбанистичко планирање. Уставните судии укажа дека тие ја ценат постапката, а не содржината на планови или нивна усогласеност со други планови. Од аспект на Судот, ДУП И10 е согласно закон и Устав.

Од општина Аеродром по одлуката на Уставен велат дека исцрпени се сите механизми за стопирање на зградата кај „Мајчин дом“. Општината, како што посочуваат оттаму преку соопштение е обврзана да ја почитува одлуката на Судот, како институција со највисока надлежност за овој случај. Додаваат дека градоначалникот Златко Марин и новото општинско раководство остануваат цврсто на заложбите за зголемување на зелените површини и гарантирање похумани услови во општината.

„Новите урбанистички планови се изработуваат за помалку урбанизираните делови, со цел да се заштити урбаното јадро од дополнителни градби. Овие планови се работат со повисоки стандарди, повеќе зеленило и повисок квалитет на живот. Дополнително, Општина Аеродром е во процес на создавање партиципативно тело за урбанизам, со што им овозможува на граѓаните, здруженијата и на стручните лица директно учество во урбанистичко планирање на населбата“, стои во соопштението.

Претставката до Уставен за ДУП-от ја поднеле 12 физички и правни лица во 2017.

ДУП И10 јво Општина Аеродром ја опфаќа локацијата кај Мајчин дом каде што треба да се гради деветкатна станбена зграда, на што реагираа локалните жители кои организираа и протести. По реакциите на јавноста, Општина Аеродром издаде 15-дневна времена забрана за изведување на градежните работи.

Од Општината претходно соопштија дека ги имаат доставено сите потребни документи и  оти понатаму ќе постапува согласно одлуката на судот.

Јана Јосифоска

Back To Top