skip to Main Content

Спасовски: Имаше обид да се сруши системот и државата

Спасовски: Имаше обид да се сруши системот и државата
  • 26.04.2018

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски гостуваше во новото издание на емисијата „Правда и неправда“ на авторката и водителка Гордана Дувњак.

Спасовски говореше за горливите теми за безбедноста кои се присутни кај нас повеќе од една деценија.

Како најодговорен за крвавиот четврток, 27 април минатата година, во Собранието на Македонија, кога Зијадин Села беше речиси убиен, а Зоран Заев и многу пратеници од СДСМ завршија со скршени глави – но и за црниот понеделник, 24 декември 2012 година, кога пратениците на тогашната опозиција предводена од СДСМ беа насилно исфрлени од зградата на законодавниот дом – Спасовски го посочува Никола Груевски. Освен тоа, Спасовски потсети дека Груевски речиси никогаш не бил присутен во земјата кога се носеле крупни одлуки за иднината на државата.

Објаснувајќи во детали какви улоги имале дел од тогашните функционери на МВР на 27 април минатата година во Собранието, Спасовски потсети дека тоа е само една од димензиите на рушењето на системот на Министерството за внатрешни работи, но и на целокупниот безбедносен систем во државата.

-На први јуни минатата година, кога ја преземав функцијата, го затекнав Министерството со долг од 30 милиони денари и неисплатени плати, вели Спасовски.

Тој потенцираше дека до крајот на годинава комплетно ќе биде обновена опремата на полициските службеници, а дипломираните криминалисти, кои со години не можеа да се запослат во нивната професија заради претходната партиска селекција, набргу ќе станат полициски службеници.

Иако јавноста е убедена дека во некои делови од државата полицијата не интервенира, Спасовски наведува дека МВР врши постојани и интензивни истраги против наркодилерите и мафијата, на секоја педа од Македонија.

-МВР постапува неселективно и непристрасно, вели Спасовски, наведувајќи ги последните акции на полицијата и во Западна Македонија, и во проблематичните места на периферијата на Скопје.

Министерот Спасовски посочи дека при зачестените сообраќајни контроли изминативе неколку недели, од 1.300 возачи дури 400 од нив биле во алкохолизирана состојба.

-А во МВР минатата година затекнавме само 7 дрегери за алко-тестови, посочи Спасовски.

За актуелната реформа на тајната служба Спасовски потенцираше дека таа е најсеопфатна од независноста на Македонија во 1991 год.

Кога, пак, станува збор за новата агенција ОТА (Оперативно-техничка агенција), Спасовски тврди дека таа ќе биде регулаторен и контролен механизам, без можност да ги прислушкува граѓаните.

На крајот, одговарајќи на прашањето во духот на насловот на емисијата „Правда и неправда“, Спасовски потенцираше дека Македонија мора да добие правда, и граѓаните мора да бидат сигурни дека институциите на системот, не само на МВР, ги штитат нивните права.

Back To Top