skip to Main Content

Одржан првиот состанок на македонско-грчкиот комитет за историски, археолошки и образовни прашања

Одржан првиот состанок на македонско-грчкиот комитет за историски, археолошки и образовни прашања
  • 02.11.2018

На првиот состанок на Заедничкиот интердисциплинарен комитет на експерти (ЗИКЕ) меѓу Македонија и Грција за историски, археолошки и образовни прашања одржан денеска, усвоени се Деловникот за работа и динамиката на идните средби, соопшти македонското МНР.

-Состанокот се одржа во пријателска атмосфера, во согласност со духот и принципите на Спогодбата од Преспа. Двете страни го усвоија Деловникот за работа на ЗИКЕ и се согласија за динамиката на идните состаноци. Согласно членот 8 од Спогодбата од Преспа, беше донесена заедничка одлука да се работи на отстранување на одредени референци во учебниците, коишто беа присутни во минатото, стои во соопштението.

Амбасадорот Виктор Габер, кој го предводи македонскиот тим, пред два дена, најави дека состанокот ќе се одржи во Солун до крајот на оваа седмица.

Членови на Заедничкиот интердисциплинарен комитет од македонска страна, покрај амбасадорот Габер се професорите Далибор Јовановски, Никос Чаусидис, Људмил Спасов, Ана Чупеска-Станишковска, Фахри Рамадани и Кица Колбе.

Од Грција, пак, во комитетот што го предводи заменик министерот за надворешни работи, Маркос Боларис, членовите се во најголем дел професори од солунските универзитети. Од Универзитетот „Аристотел“ во Солун се професорите Спиридон Сфетас, Јаковос Михаилидис и Атанасиос Лупа од Катедрата за историја и археологија. Професорот Николаос Заикос, е од Катедрата за балкански, словенски и источни студии на солунскиот Универзитет „Македониа“. Додека, пак, останатите членови се професорката Александра Јоаниду од Катедрата за руски јазик и филологија и словенски студии на атинскиот универзитет „Каподистриан“ и Ефтимиос Харлавтис, од Директоратот за земјите од Југоисточна Европа во грчкото МНР.

Back To Top