skip to Main Content

Ново Обвинителство кое ќе ги гони двете страни не им одговора на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ

Ново Обвинителство кое ќе ги гони двете страни не им одговора на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ
  • 11.09.2019

ВМРО-ДПМНЕ ги изневеруваше очекувањата на граѓаните. Нивната единствена цел e уништување на сите предмети од СЈО до 30 јуни, а тоа сакаа да го постигнат преку тоа што нивни обвинител би ги преземал сите предметите за да подоцна ги затвори и уништи, a предметите после 30 јуни да се затворат со закон, брифираат извори од преговарачкиот тим на власта.

Власта понудила формирање нова обвинителска институција која ќе гони висока корупција сторена од избрани и именувани функционери, од сега па во иднина, со нови случаи, без разлика кој е на власт. Предлогот бил шеф на таа нова обвинителска институција да предлага опозицијата, но и тоа било одбиено.

Со вчерашното преземање на предметите од страна на ЈО целосно е обезбедена иднината на сите предмети на СЈО со цел тие да имаат своја разрешница во системот на јавното обвинителство и судство. Сите предмети, сите истраги и предистраги продолжуваат во целосна независна надлежност на државното јавно обвинителство.

Шефот на јавното обвинителство ќе одредува, согласно законските овластувања кој јавен обвинител ќе го продолжи секој од предметите. Со ова, судбината на случаите се решава во јавното обвинителство и во судството, а не на преговарачка маса меѓу политичките партии. Државата конечно гради независен судски систем кој функционира непречено, систем кој не може да биде спречен од која било политичка партија.

„Апелираме за одговорно и државничко однесување на сите политички чинители вклучувајќи го и ВМРО-ДПМНЕ. Време е после две години неодговорно однесување во опозиција, ВМРО-ДПМНЕ да престане да и штети на европската иднина на државата. Долго време преговараме за овој Закон и ред е да носиме принципиелни одлуки кои ќе овозможат правда, независно судство и обвинителство и фер постапки за сите. Одговорноста за неуспехот на овој процес ќе биде токму на ВМРО-ДПМНЕ кои постојано штетат на владеењето на правото, оние кои воведоа неправда и Сваровски судство во земјава, оние кои упорно бараат политиката да одлучува за правната одговорност на политичарите. Ние немаме од што да се криеме или бегаме, сакаме да овозможиме правда и независно судство. Тоа го сакаат граѓаните, тоа го очекуваат нашите пријатели од ЕУ. ВМРО-ДПМНЕ да си ја преземе одговорноста за штетите што ги прави по правната држава и по европските интеграции на земјава“, брифираат извори од преговарачкиот тим на власта.

Back To Top