skip to Main Content

Не се знае „кој пие, а кој плаќа“ во Институтот за јавно здравје и Институтот за медицина на трудот

Не се знае „кој пие, а кој плаќа“ во Институтот за јавно здравје и Институтот за медицина на трудот
  • 16.05.2018

Неосновани плаќања и ненаменски трошења – ваков е генералниот заклучок на ревизорите за Институтот за јавно здравје. Се пресметувала амортизација за опрема која никогаш не е пуштена во употреба, немало евиденција на апарати, се исплаќале прекувремени часови на неколку лица кои немале одобрение за прекувремена работа, услов за вработување било звање кое не може да се добие во земјава, лица со средно биле поставени на места за кои се бара високо образование, платите се пресметувале паушално, а неколку лица држеле и по неколку позиции истовремено. В.д. директорот на оваа институција работи без договор од Министерството за здравство од 2009 година. Ова се само дел од забелешките на ревизорите кои ќе завршат во рацете на јавното обвинителство. Владата ги усвои ревизорските извештаи за Институтот за јавно здравје и за Институтот за медицина на трудот за 2016 г. чие работење има низа нерегуларности. Од Владата информираат дека извештаите ќе бидат доставени до обвинителството, а понатаму тие се задолжени за преземање конкретни дејствија. Задолжен е и министерот за здравство да разговара со директорите. Институтот за медицина на трудот немал финансиска, ниту материјална евиденција за приемот и потрошувачката на лекови, а во аптеката немало фармацевт како што налага законот, туку лековите ги примала медицинска сестра. Двете институции веќе неколку години ги раководат лица без мандат, што според ревизорите влијае на законитоста на преземените активности при управување со овие Институти. Одговорно лице за работењето на Институтот за јавно здравје е Шабан Мемети, назначен за вршител на должност во 2009г, додека пак Аљајдин Мемети ќе одговара за работењето на Институтот за медицина на трудот. Тој е вршител на должност од јануари 2015 година. Објавување огласи за избор на постојани директори е задолжение од ревизорите, но и законска обврска. Владините портпароли не лиферуваа имиња кои би можеле да ги наследат актуелните директори.

Back To Top