skip to Main Content

Нема реакција од ЕПП за обраќањето на Орбан на митингот на ВМРО-ДПМНЕ

Нема реакција од ЕПП за обраќањето на Орбан на митингот на ВМРО-ДПМНЕ
  • 04.06.2018

Органите на Европската народна партија, демохристијанската група во Европскиот Парламент, ЕПП, не реагираат на написите на Еурактив за обраќањето на унгарскиот премиер Виктор Орбан на митингот на опозицијата.

Еурактив утрово објави дека Виктор Орбан го „поткопува“ решението за спорот со името со неговите пораки испратени на митингот на опозицијата, каде тој изјави дека партијата не потклекнува на притисоците на надворешните сили. Порталот смета дека неговите изјави се косат со ставот на другите челници на демохристијанската група.

Извори во ЕПП велат дека написот на Еурактив е „интерпретација“ и дека пораките на Орбан не се јасно дадени во контекст на преговорите за спорот со името.

– Пред вас е голема можност, но морате да бидете успешни во една сложена европска ситуација. Во таква сложена ситуација секаде се потребни храбри и силни лидери. Лидери кои ја сакаат својата татковина, имаат искуство и не колабираат ни под притисок на надворешни сили, изјави Орбан во видео пораката.

Повеќето пратеници во ЕПП остануваат на истиот став околу преговорите за името, како Едвард Кукан, кој од близу ја следи ситуацијата во Македонија.

– Целосно ги поддржувам преговорите помеѓу македонскиот и грчкиот лидер и нивните обиди да пронајдат решение за спорот со името. Се надевам дека ќе донесат заеднички прифатливо решение за овој долгорочен спор. Исто така цврсто верувам дека договорот ќе има поддршка од мнозинството проевропски партии. Ова отвора врата за Македонија во евро-атлантските интеграции и зајакнувањето на добрососедските односи во регионот, изјави Кукан.  

Виктор Орбан е на удар во неговата европска фамилија, а неговите политички одлуки сѐ почесто иритираат во Брисел и во другите европски престолнини. Последната мерка на неговата влада со која на вработените во хуманитарните организации им се заканува затвор доколку им помагаат на мигрантите предизвика бурни политички дебати во Брисел и Стразбур.

Прв пат викендов партија членка на ЕПП, холандската ЦДА, повика да се исклучи партијата на Орбан од ЕПП доколку не се врати на европскиот пат. Минатата недела, европските социјал-демократи побараа исто така од нивните колеги демохристијани да ги ревидираат своите ставови околу членството на Фидес во ЕПП.

Back To Top