skip to Main Content

На судењето за нападот врз Села се емитуваат снимки од настаните во Собранието

На судењето за нападот врз Села се емитуваат снимки од настаните во Собранието
  • 27.04.2018

Со емитување на видео снимки и фотографии од настаните од 27 април минатата година, денеска во Кривичниот суд во Скопје, на токму на годишнината од немилите настани во македонскиот Парламент, продолжи судењето за нападот врз пратеникот Зијадин Села, во кое на обвинителната клупа се наоѓаат десет лица.

Претседател на судечкиот совет е судијата Славица Андреевска, а обвинението го застапува јавниот обвинител Дарко Јакимовски.

Сите обвинети претпладнево беа спроведени од притвор, а рочиштето продолжи со изнесување материјални докази.

Адвокатот Абедин Абдули, полномошник на оштетениот Зијадин Села, во судот изјави дека неговиот клиент изготвил копиии од медицинската документација и ги достави до судот.

Одбраната го прифати предлогот на ОЈО да не се гледаат сите снимки од предложената листа на докази, бидејќи некои се повторуваат, па затоа да се пуштаат само определни делови, пред се, заради економичност на процесот.

Повлекувањето на дел од снимките на минатото рочиште побара Обвинителството поради нивно повторување.

За обидот за убиство на Зијадин Села на 27 април минатата година обвинети се Кире и Цеко Ѓорѓиевски, Оливер Ошавковски, Саша Сенков, Николче Димитриевски, Александар Јаневски – Тошта, Андреј Мицов, Никола Војминовски, Коста Делов и Стојан Павловски – Кобра. Обвинетите за обид за убиство на пратеникот Зијадин Села на претходите рочишта се изјаснија за невини.

Back To Top