skip to Main Content

На крајот на годината амнестирани и пуштени во куќен притвор повеќемина обвинети во судски постапки

На крајот на годината амнестирани и пуштени во куќен притвор повеќемина обвинети во судски постапки
  • 31.12.2018

Амнестија или куќен притвор добија повеќемина обвинети во судските процеси „27 април“, „Империја“ и „Титаник“. Пред Нова година од затвор излегоа петтемина пратеници, организаторите на иницијативата „За заедничка Македонија“, двајца вработени во Кабинетот на поранешниот претседател на Собранието и уште неколкумина обвинети во случајот „27 април“, додека затворскиот притвор им беше заменет со куќен притвор на обвинетите во случајот „Империја“ и „Титаник“.

Обвинетите од „27 април“ кои излегоа од затвор беа аменстирани согласно Законот за амнестија кој беше донесен на 18 декември од страна на македонското Собрание, додека обвинетите во случаите „Империја„ и „Титаник“ меѓу кои поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески и поранешниот генерален секретар на Владата Кирил Божиновски добија поблаги мерки на предлог на Специјалното јавно обвинителство.

Досега, според Законот за амнестија, ослободени се 15 лица обвинети во случајот „27 април“ на Јавното обвинителство, но оваа бројка не е конечна бидејќи оние обвинети кои побараа амнестија, но добија негативно мислење, имаат право на жалба до Апелацискиот суд.

По донесувањето на Законот за амнестија беа поднесени вкупно 66 барања за амнестија од кои 30-тина се однесуваа за случајот „27 април“ кој се наоѓа во доказна постапка, а останатите барања се за веќе завршени предмети поврзани со случувањата во Собранието од 27 април минатата година.

Судењето за „27 април“ продолжува на 15 јануари и својата правда пред судот останува да ја бараат обвинетите Игор Дурловски, Митко Чавков, Јане Ченто и Игор Југ кои не бараа амнестија, како и 14-мината на кои барањата за амнестија им беа одбиени.

Во саботата од притвор излезе поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, на кого, по предлог на СЈО, мерката притвор му е заменета со куќен притвор заедно со останатите обвинети во овој случај. Претходно, истата мерка куќен притвор им беше одредена и на Јанакиески и на Божиновски обвинети во случајот „Титаник“.

Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева во интервју за телевизијата „Канал 5“ оцени дека преиначувањето на мерките притвор во куќен притвор е позитивно за владеењето на правото и за реформите што се спроведуваат. Уверена е дека лицата за кои е одреден куќен притвор, нема да побегнат.

– Во однос на сегашните одлуки за притвореници кои се во случајот „Империја“ и за оние во „Титаник“ за Кирил Божиновски и Миле Јанакиевски во периодот во кој беа во притвор се прибраа доволно докази и се анализираат сите аспекти за тоа дали и до кога би можеле да бидат во притвор и дали би можело со друга мерка да биде обезбедно нивното присуство. Сметавме дека тоа е добро за реформите, за владеењето на правото овие лица во следниот период да бидат во куќен притвор и тоа е доволно да биде обезбедено нивното присуство, изјави Јанева.

Од сите обвинети во судските предмети што годинава се покренаа, останува да се види исходот и со обвинувањата покренати против поранешниот премиер Никола Груевски, кој побегна во Унгарија каде доби политички азил. Македонската Влада испрати барање за екстрадиција, но досега не е добиен одговор од унгарските власти. Против него, се водат неколку судски постапки, а пресуда има донесено за предметот „Тенк“ за кој доби двегодишна затворска казна.

Back To Top