skip to Main Content

Народен правобранител: Сѐ почесто се кршат работничките права

Народен правобранител: Сѐ почесто се кршат работничките права
  • 30.04.2018

Народниот правобранител нотирал зголемен број поплаки од граѓаните за прекршени права од работниот однос. Поплаките најчесто се однесуваат на постапките за вработување, распоредување и престанок на работниот однос – покажува Годишниот извештај на Народниот правобранител. До канцеларијата на Народниот правобранител претставки биле доставени и поради недобивање на благовремени одговори по барањата поднесени во врска со остварување на права од работниот однос.

„Карактеристичен е периодот по завршување на парламентарните и локалните избори, кога дел од подносителите на претставките се пожалија на распоредување на пониски работни места или поради иницирани дисциплински постапки чиј краен исход е или престанок на работниот однос или парична казна во траење од шест месеци. Од друга страна, поради забраната за спроведување на постапките за вработување, освен за итни и неодложни работи и недавањето на согласност за обезбедени финансиски средства за вработување во органите на државната управа и органите и организациите со јавни овластувања намален е бројот на претставки во кои се бара заштита на правата во спроведени постапки за вработување во горенаведените органи“- се нотира во извештајот на омбудсманот.

Како што истакнува правобранителот, и натаму продолжија барањата на граѓаните за заштита на правата од работен однос поради исплата на пониска плата и поради неисплатени надоместоци од плата.

„Најчесто барањата се однесуваа на задржување на плата повисока од 1/3 од платата, исплата на плата со погрешно утврден коефициент, потоа поради неисплатен надоместок за прекувремени часови на работа, за празник, за отпремнина поради заминување во пензија, јубилејна награда, за надоместок за користење на боледување подолго од шест месеци. По доставените укажувања платите и надоместоците од плата да се исплатат врз основа на предвидените законски прописи, во поголем број укажувањата беа прифатени, а во другите случаи граѓаните беа советувани да побараат заштита на правата во судска постапка“- нагласува народниот правобранител.

Тој забележал пораст на поднесените претставки од областа недискриминација и за заштита од вознемирување на работното место – мобинг. Пораст на претставките постои, вели народниот правобранител,  и покрај тоа што во Република Македонија постои солидна законска рамка за заштита од феноменот наречен дискриминација, како и можност граѓаните заштитата да ја бараат и да ја остваруваат пред телото кое има исклучителна надлежност за заштита од дискриминација.

Во однос на вкупниот број на поднесени претставки од оваа област, констатација на Народниот правобранител за 2017 година е дека граѓаните најмногу се жалат поради вознемирување на работното место – мобинг, односно 25 % од поднесените претставки се однесуваат на оваа проблематика, па дури потоа следуваат предметите што се однесуваат на сторена дискриминација врз етничка основа, на кои отпаѓаат околу 10 %.

 

Back To Top