skip to Main Content

Наместо членство се нуди Европска економска зона – Заев дециден: Не!

Наместо членство се нуди Европска економска зона – Заев дециден: Не!
  • 27.10.2019

Зад кулисите во Брисел во оптек е идеја како да се надминат актуелните фрустрации од ставот на Емануел Макрон кој ја спушти рампата на патот кон ЕУ за земјите од Западен Балкан. Наместо полноправно членство во ЕУ според актуелниот предлог за компромис на шесте држави од Западниот Балкан би требало да им се понуди создавање на Европска економска зона (ЕЕА), пишува во анализата на новатв.мк.

ЕУ треба да им понуди на сите шест нации на Западен Балкан можност за пристапување во единствениот пазар, како Норвешка и Исланд. Тоа значи дека треба радикално да се реформира методологијата за проценка на напредокот, се вели во предлогот на Европската иницијатива за стабилност.

ЕЕА ги опфаќа сите клучни области што се важни за потенцијалните инвеститори. Ги утврдува европските стандарди. Испраќа силен сигнал до граѓаните дека, на крајот, ќе се надминат границите и изолацијата. ЕУ треба да ги зголеми ресурсите за Западен Балкан да го направи сето ова попривлечно. Ова, според предлогот ќе и помогне на ЕУ да утврди влијанието во регион кој заедно има помалку од половина од БДП на Романија и е опкружен со членки на ЕУ.

Овој однос не гарантира за пристапување во иднина, но, ниту исто така оваа понуда за вакво партнерство не би требало да го исклучува идното пристапување кон ЕУ кога таа може би ќе биде подготвена за тоа.

Ова ќе бара кредибилни реформи за владеење на правото. Земјите што ги кршат основните човекови права или им се закануваат на нивните соседи може да бидат исклучени или суспендирани – што треба да одговори на барањето за реверзибилноста кое го постави Макрон . Овој процес треба да се стави на маса на самитот во Загреб во мај 2020 на кои ќе бидат шесте земји од Западен Балкан.

Штом напредокот на Балканот во овој аранжман стане видлив, популарноста на пристапувањето може да се зголеми, предвидува Европската иницијатива за стабилност.

Уривањето на сегашната пристапна политика е закана за влијанието на ЕУ, во критичен регион, во критичен момент на глобална неизвесност. Тоа беше длабоко неправедно кон владата во Скопје но, тоа може да биде шанса за нешто поверодостојно, пофер и трансформативно, се вели во овој предлог.

По текстот на новатв.мк следуваа и реакции

Македонските власти бил запознат со идејата за време на престојот на македонската делегација во Брисел. Македонскиот државен врв и опозицијата уште на средбата кај шефот на државата Стево Пендаровски усогласија заеднички став дека нема да се прифати ништо друго освен полноправно членство во ЕУ.

Овој став денска го повтори премиерот Зоран Заев на трибина во Прилеп.

Не прифаќаме алтернативи, пактови, партнерства, или што и да е друго. Ние сме за полноправно членство во ЕУ и ништо помалку од тоа. Ја сакаме ЕУ за европските вредности, Со ништо помалку не се согласуваме и ништо помалку не прифаќаме, рече денеска премиерот Зоран Заев, кој како претседател на СДСМ учествуваше на трибина во Прилеп, во рамки на кампањата „На прав пат“ .

Заев вели дека земјава има аргументи да укаже дека одлуката да не ни биде даден старт за преговори е историска грешка и дека е доведено во прашање проширувањето како инструмент од исклучително значење за вградување и живот на европските вредности во земјите што природно им припаѓаат на Европската Унија.

-Ние не сме само стратешки интерес, ние сме Европа. Ќе поминеме сигурно одреден број години во процесот на преговори по поглавја. Тоа значи дека ќе станеме полноправна членка на ЕУ откако целосно ќе се реформираме внатре а за тоа ќе ни помогне пристапниот процес и затворањето на поглавјата, вели Заев во интервју за весникот „Вечер“.

Тој истакнува дека врз основа на тие аргументи францускиот претседател Макрон ќе може да види дека предлогот „методологија пред проширување“ може да се трансформира во „проширување заедно со промена на методологијата“.

Back To Top