skip to Main Content
ТОП ВЕСТИ
(Видео) Со дрон во Скопје откриен потпалувач на оган
Веќе е извесно дека завршница за предметите на СЈО ќе има
Вистиномер.мк: Химната не е отстранета од образовните програми за основците
Анѓушев: Едно семејство не може да живее со 200 евра плата, минималната плата мора да расте

Мијалков демантира вмешаност во обезбедувањето двотретинско мнозинство во Собранието

Мијалков демантира вмешаност во обезбедувањето двотретинско мнозинство во Собранието
  • 22.10.2018

Екс директорот на УБК и поранешен висок функционер во ВМРО-ДПМНЕ, Сашо Мијалков по подолго време се огласи во јавноста. Овојпат, за да демантира, како што вели, каква било вмешаност во актуелните случувања поврзани со обезбедувањето на двотретинското мнозинство за почнување на процесот за уставни измени во законодавниот дом.

Откако изминативе денови дел од медиумите пишуваат дека главниот притисок за гласањето „за“ на 8-те опозициски пратеници во Собранието го вршел Сашо Мијалков, во замена за амнестија и враќање на неговиот пасош, тој денеска во изјава за „Прес 24“ ги отфрла ваквите наводи и повикува на единство во ВМРО-ДПМНЕ.

„Заради зачестеното присуство на моето име во некои медиуми во изминатите 2-3 дена, чувствувам обврска да дадам свој коментар по однос на истите. Имено, на денот на мојата оставка од сите партиски функции минатата година, немам учество во какво било својство и форма во работењето на политичката партија во која сум поминал децении. Оттука, отфрлам било какви шпекулации за мое влијание врз претседателот на партијата, органите на партијата, пратениците или која било друга организациска структура во нејзин состав.

Во таа насока, сметам дека во овој момент, во интерес на сериозните предизвици со кои се соочува нашата партија, е потребно единство како никогаш до сега. Најмалку потребно во овие моменти е создавање поделби кои ќе имаат за цел да го ослабат ВМРО-ДПМНЕ. Им порачувам на сите патриоти, членови и поддржувачи на политиките на ВМРО-ДПМНЕ, дека е потребно силно и обединето ВМРО-ДПМНЕ, кое ќе биде стожер на сигурна, безбедна и просперитетна Македонија“, вели Мијалков за „Прес 24“.

Наспроти ова, се погласни се тврдењата дека вечерва ќе се судрат две крила во ВМРО-ДПМНЕ со два можни исходи. Исклучување на Мијалков од партијата или гласање на недоверба на лидерот Христијан Мицкоски.

Јана Јосифоска

Back To Top