skip to Main Content

Митровски: Декриминализација и економски модел за канабисот

Митровски: Декриминализација и економски модел за канабисот
  • 28.06.2018

Контролата на канабисот не треба да се сфати во апсолутна смисла, туку да се направи економски модел кој ќе овозможи, освен големите бизниси, да се вклучат и микро-претпријатија, домаќинства и земјоделци, смета поборникот за легализација на марихуана, Јанаки Митровски.

-Моделот за кој се залага „Билка“ е декриминализација на канабис за лична употреба, законски да се одреди која количина на канабис ќе се смета за лична употреба и тоа да се казнува исклучиво како прекршок или само парично, ако остане под кривичен прогон, вели тој.

Како што објаснува, на малите бизниси треба да им се дозволи производство на канабис за рекреативна употреба, а лицата на кои им е потребен за медицински цели да можат да одгледуваат сами одреден број растенија. Според него, прво ќе биде потребна едукација на населението, особено постарото, кое е изложено со децении на црна пропаганда за канабисот. За влегувањето на семејството Заеви во бизнисот, Митровски смета дека не е проблем кој било да се занимава со оваа работа, туку проблемот е во законското решение во кое власта го изгласа во 2016, но истовремено призна дека е лошо.

-Сега гледаме дека и новата извршна власт не го менува тоа законско решение за да го направи подостапно до граѓаните. Проблемот е што државата им овозможува на правни лица со значителни средства да работат со бизнис кој е се уште нелегален во поголем дел од светот, законот им дозволува експорт на производот, а не и обврски кон граѓаните, вели Митровски.

На пазарот има еден-два производи кои се несоодветни. Ние се залагаме средствата од даночење на рекреативната употреба на канабис задолжително да се користат за болните лица кои не можат да си дозволат канабис.

Back To Top