skip to Main Content

Меѓународниот фактор со поддршка за референдумот

Меѓународниот фактор со поддршка за референдумот
  • 29.08.2018

На еден месец од референдумот, дел од партиите во земјава се уште калкулираат, а меѓународната јавност обединета со поддршка за референдумското прашање. Европската Унија почна кампања – дијалози со граѓаните на која европските претставници ја потенцираа важноста од успехот на референдумот. Директорот на Директоратот за проширување и соседска политика на Европската комисија Кристијан Даниелсон рече дека изборот што ќе го направат граѓаните на 30 септември, ќе ја оформи иднината на земјата, а изборот ќе има последици за идните генерации. Евроамбасадорот во земјава Самуел Жбогар рече македонските граѓани ќе ги забележат економските придобивки од членството во ЕУ и дека преку унијата во изминатите 20 години се внесени една милијарда евра европски пари преку проекти што генерирале огромни резултати.

„ЕУ работи како партнер за да се подобри животот на сите граѓани. Преку овие активности секој граѓанин може да даде свој придонес на промената што сака да ја види во својата општина. Можеме да ја замислиме нашата иднина заедно. Ќе им докажеме на граѓаните дека нивниот глас се смета за важен. Наша цел е да слушаме и да разбереме“, рече Жбогар на формалното отпочнување на кампањата на ЕУ – дијалози со граѓаните.

И словенечката министерка за одбрана Андреја Катич која е во официјална посета на земјава, ја повтори поддршката од нејзината земја и изрази надеж дека граѓаните ќе го направат вистинскиот избор на референдумот. Катич рече дека очекува наскоро Македонија да седне на иста маса со останатите членки на НАТО. И политичарите од регионот повикаа на гласање. Албанскиот претседател Илир Мета во интервју за албански медиум изјави дека договорот со Грција отвора нова перспектива, а Македонија треба да го искористи поволниот момент. Мета ги повика Албанците во земјава да излезат на гласање.

„Затоа верувам и истовремено ги повикувам сите Албанци во Македонија да учествуваат на референдумот на 30 септември и да гласаат за договорот, за отворање на ново поглавје не само во корист на интеграцијата на Македонија, туку и нивната иднина во оваа земја“, рече Илир Мета.

Во дијаспората ќе гласаат речиси 2768 гласачи, а 17 гласачки места нема да се отворат бидејќи не се пријавиле доволен број лица за да се исполни условит. Од Државната Изборна комисија пак ги објавија градовите во кои македонски државјани ќе можат да се изјаснат по референдумското прашање. Интересот за референдумското изјаснување е значително помал од интересот за гласање на дијаспората за претходните избираачки циклуси.

Кристина Атовска

Back To Top