skip to Main Content

МВР објави фотографија од можниот напаѓач на Милевски

МВР објави фотографија од можниот напаѓач на Милевски
  • 02.04.2018

Министерството за внатрешни работи објави фотографија од лице, кое, како што се вели, во соопштението, е важно во постапката поврзана со нападот врз пратеникот Г.М. на плоштадот „Македонија“.

– Во врска со кривично-правниот настан од 25 март на плоштад „Македонија“, во кој физички беше нападнат Г.М., пратеник во Собранието на Република Македонија, по извршена консултација со Јавен обвинител, а врз основ на член 561 став 1 и член 563 став 2 од Законот за кривична постапка, се врши јавна објава на фотографија за едно лице кое што е важно за постапката, се вели во соопштението.

МВР ги повика сите граѓани кои имаат какви било сознанија за лицето, веднаш да известат во најблиската полициска станица, да пријават на телефонскиот број 192, да ја употребат апликацијата „Пријави сомнително лице“ на официјалниот сајт на МВР или да пријават во Јавно обвинителство.

Станува збор за нападот врз лидерот на ЛДП и пратеник во Собранието Горан Милевски, кој помина со полесни повреди по инцидент на плоштадот во Скопје.

На Милевски му пришло непознато лице и почнало да го удира со тупаници во пределот на телото и главата. Напаѓачот неколку пати го удрил пратеникот по што си заминал. Милевски со лесни повреди се пријавил во болница.

Информации за мотивите за нападот официјално не се објавени, но се се претпоставува дека е поврзан со Законот за јазици.

Пратениците на власта, кои го поддржаа законот, беа мета на напади. Протести се одржаа пред домовите на некои пратеници, а на една пратеничка и беше запален автомобилот.

Back To Top