skip to Main Content

Манчевски: Со Законот за високо раководна служба до целосна деполитизација на јавниот сектор

Манчевски: Со Законот за високо раководна служба до целосна деполитизација на јавниот сектор
  • 24.06.2019

Влегуваме во реализација на сериозни проекти. Првиот е реорганизација и оптимизација на институциите на системот, тоа значи воведување ред на хаосот што со децении бил создаван во институциите, и втората работа е создавање крупни чекори кон целосна деполитизација на јавниот сектор, а тоа е Законот за високо раководна служба, изјави министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски на денешната завршна Конференција „Како понатаму? Реформите на јавната администрација по јунскиот Европски Совет“ во Скопје.

Тој појасни дека денешниот настан е уште еден од серијата настани што во соработка со Граѓанско општество ќе ја следат имплементацијата на Стратегијата за реформи на јавната администрација и воопшто реформите на јавната администрација.

Според Манчевски, Стратегијата за реформа на јавната администрација е голема и има многу активности во акцискиот план што будно се следи од страна на граѓанскиот сектор.

– За нас ова е многу важен настан затоа што едно е да се слушне од надворешен аспект како се одвива имплементација, но навистина треба да ги слушнеме и препораките, критиките од граѓанските организации. Јас сакам да го поздравам начинот на кој што се следи имплементацијата и од страна на граѓанските организации, нас ни е навистина битно нивното мислење со цел да обезбедиме подобра реализација на активностите и во следниот период, рече Манчевски.

Љупчо Петковски, извршен директот на „Евротинк-Центар за европски стратегии“ рече дека нашата држава не доби датум за преговори во јуни, но многу е извесно да добие во октомври.

– Самиот наслов на оваа Конференција е малку провокативен, но на некој начин и поразителен, затоа што нашите внатрешни работи не треба да зависат само од поттикот што ни се дава од надвор, од нас треба да зависи дали ние ќе ја средиме јавната администрација или не. Мислам дека најголема работа што е направена е усвојување на Стратегијата за реформата на јавната администрација која важи четири години, една година помина, помина времето на консолидација, сега треба да дојде времето на резултати, истакна тој.

Според него, треба и новинарите, граѓанските организации и државните чинители да прават притисок врз Владата и да видат како таа Стратегија ќе се остварува, зашто во крајна линија најважно е граѓаните да почувствуваат некаков бенефит.

На новинарското прашања колку според него треба да биде бројот на вработени во администрацијата, тој одговори дека ситуацијата е парадоксална.

– Мислам дека прашање на бројки не е единственото важно прашање кога станува збор за јавната администрација. Ако ја споредиме државата со Словенија ќе забележиме дека Словенија има голема јавна администрација и јавен сектор, но исто така има и бесплатни добри услуги, добро образование, социјална држава. Прадоксална е ситуацијата. Во некои клучни сектори има премалку вработени, во некои не толку клучни сектори има премногу вработени. Повеќе е прашање на баланс, појасни Петковски.

Францускиот амбасадор, Кристиан Тимоние изјави дека во однос на реформите што се исполнети, направена е исклучителна квалитетна работа на запис на редакција на администрацијата, на запишување на админстрацијата, но според него, треба да бидат запазени критериумите на деполитизација и департизација.

– Реформите се долга и напорна работа, но ние се разбира ќе бидеме фокусирани на објективните критериуми и фактори. Франција во минатото, во моментот, но и во иднина ќе продолжи да работи на овие реформи како што се македонските реформи. Во Париз остваривме средба со високи претставници од македонските власти и свечено го затворивме семинарот што беше поврзан со низа состаноци одржани тука со една цел, а тоа е да се дојде до финален, конечен датум, изјави Тимоние.

Тој потсети дека од 2000 година е започната соработката со Вишата школа на администрација, и додаде дека претходно усвоените реформи во Париз ќе бидат усвоени во Секретеријатот за европски прашања во Владата на Северна Македонија. Според него, патот е многу долг, но и многу сигурен.

Конференција е по повод завршување на проектот „Набљудување на реформите во јавната администрација од страна на граѓанските организации“, проект изведен во соработка со Евротинк, Европска Унија и 12 грантисти.

Back To Top