skip to Main Content

„Ла Верита“ објави нови наводни разговори

„Ла Верита“ објави нови наводни разговори
  • 10.08.2019

Интернет изданието на италијанскиот весник „Ла Верита“ објави нова наводна снимка од разговор меѓу Јордан Орце Камчев и Бојан Јовановски за случајот „Рекет“. Нема датуми за да се види кога и како се снимани и дали траат неколку дена или со месеци.

Во наводната снимка разговараат за процедурата за предметот „Империја“ на СЈО во која е осомничен Камчев. Тука во еден разговор е вклучена и специјалната обвинителка Катица Јанева, која посредно преку разговорот Камчев – Јовановски суфлира и дообјаснува процедури.

Јовановски и Камчев во еден дел на снимката го спомнуваат и премиерот Зоран Заев, а Јовановски најавува дека ќе се сретне и ќе проба да го наметне Камчев, но нема детали каде и како ќе биде организирана таа средба.

Во последната трета снимка нема видео за да се види каде и како се одвиваат разговорите и е поткрепена само со транскрипција на разговорот.

Автор на снимките што веќе трет ден ги објавува „Ла Верита“ е непознат, а не се знае ни како се снимани и кој ги дистрибуирал. Објавувач е новинарот Ларис Гајсер, познат по своите екстремно десничарски ставови и по блискоста со лица од европската крајна десница, како и со претставници на ВМРО ДПМНЕ.

Од Јавното обвинителство соопштија дека снимките не се излезени од Обвинителството, туку дека станува збор за аудио и видео материјали што се дел од доказната постапка во предметот, а кои до Јавното обвинителство биле доставени од сведок во предметот.

Расчистување на случаите за кои се води истрага побара премиерот Зоран Заев.

-Истрагата мора да ги открие сите детали. Секој да одговара за своите постапки. Граѓаните заслужија правда, напиша Заев на својот Фејсбук профил.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, исто така, на Фејсбук, повика да понесат одговорност тие што се огрешиле пред законот, и праша зошто Катица Јанева не е во притвор.

Back To Top