skip to Main Content

Креаторот на „Мој воздух“ советува каква маска да купите

Креаторот на „Мој воздух“ советува каква маска да купите
  • 31.01.2019

Секојдневно слушаме за енормното загадување во Скопје, единствената работа во која државата ги урна сите рекорди. Властите, наместо мерки, со препораки да не се излегува надвор, а доколку се излезе да се користи маска, што го повлече и прашањето каква маска треба да купиме и дали постои таква на нашиот пазар што е соодветна на степенот на загадување што го имаме?

Одговорите кои ги добивме во неколку аптеки, беа дека во продажба имале маска за која не знаеја да кажат дали и какви сертификати и критериуми исполнува, но потенцираа дека е важно да има филтер со јаглен бидејќи тој има поголема апсорбирачка способност од филтер кој нема јаглен, во друга аптека ни рекоа да побараме на интернет.

За квалитетот на маските се консултиравме и со креаторот на мој воздух, Горјан Јовановски, кој вели дека доколку маската која е во продажба нема сертификат, не е соодветна за користење. Во продолжение ги наброја сите ознаки на кои треба да внимаваат граѓаните при купување на маска против загадувањето.

-Има повеќе начини на сертифицирање на маските но најважните се N95, посилната N99 и најсилната N100, а соодветно европскиот начин на сертифицирање на истите маски се FFP1, посилната FFP2 и најсилната FFP3. Колку е поголем бројот толку подобро заштитува маската од загадувањето надвор. Многу е важно еден од овие симболи да биде присутен на амбалажата или на самата маска. Без овие симболи не би ви препорачал да купите маска, а посебно избегнувајте ги хируршките маски кои не се наменети да заштитат од никакво загадување, вели Горјан Јовановски.

Министерот за здравство, Венко Филипче, неодамна гостуваше во интервју за радио слободна европа каде што беше прашан за неговото ветување дека ќе се набават маски против загадениот воздух за хронично болните, кои се уште не се доделени, а тој спомена да министерството има дадено препорака, па уште еднаш вети дека тоа ќе биде испорачано.

Тиана Станковиќ

Back To Top