skip to Main Content

Коѕијас во посета на САД на средби со Помпео, Болтон и Гутереш

Коѕијас во посета на САД на средби со Помпео, Болтон и Гутереш
  • 20.05.2018

Шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас, за време на посетата на САД ќе се сретне со американскиот државен секретар Мајк Помпео, советникот за национална безбедност Џон Болтон и со генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш, соопштуваат од грчкото МНР.

Според грчките медиуми, преговорите за името ќе бидат една од темите на агендата.

Според официјалната програма, Коѕијас утре ќе се сретне со Помпео со кого ќе разговара за билатералната соработка и за прашања од регионален интерес, со акцент на Блискиот исток, а претходно ќе има средба со помошниот државен секретар Вес Мичел.

Во вторник Коѕијас ќе разговара со советникот за национална безбедност на САД Џон Болтон, а ќе има контакти и со лидерите на двете законодавни тела на САД, меѓу кои со копретседателите на „Congressional Hellenic Caucus”  и „Congressional Hellenic Israeli Alliance”.

Преговорите за името и кипарското прашање ќе бидат главните теми на средбата на Коѕијас со Генералниот секретар на ОН Гутереш, закажана за во среда.

Во четврток и петок во Њујорк, шефовите на македонската и на грчката дипломатија ќе се сретнат со медијаторот Метју Нимиц.

Весникот „Елефтерос типос“ пишува дека Коѕијас започнува маратонски дипломатски активности во траење од речиси две седмици. Од САД, тој, според весникот, ќе замине за Брисел, а оттаму за Германија. 

Back To Top