skip to Main Content

Командантот на Националната гарда на Вермонт во посета на Охрид

Командантот на Националната гарда на Вермонт во посета на Охрид
  • 20.09.2018

Командантот на Националната гарда на американската сојузна држава Вермонт, генерал-мајор Стивен Креј денеска беше во посета на Општина Охрид, во чии рамки заедно со градоначалникот на Охрид, Јован Стојаноски го посетија општинското основно училиште „Братство и единство“.

– Прекрасно е да се видат резултатите од соработката на УСАИД, Американскиот секретаријат за одбрана, локалните власти насочена кон активности за подобрување на условите за учениците. Ние во Вермонт имаме многу училишта како ова во кое настава следат ученици од многу етнички групи, од Сомалија, Виетнам, па и Албанија и БиХ. Сметам дека ќе биде прекрасна можност некое од тие училишта да воспостават конкретна соработка со ова училиште во Охрид, рече Креј.

Генерал Креј рече дека му претставува задоволство што е тука во Македонија токму во историски мигови кога народот ќе ја решава иднината на земјата, истакнувајќи дека и натаму ќе продолжи поддршката на САД за обезбедување подобри и побезбедни услови во училиштата во Македонија.

Градоначалникот на Охрид Стојаноски рече дека соработката со Вермонт се одвива континуирано веќе повеќе од 20 години, заблагодарувајќи се на помошта што беше обезбедена од нивна страна за подобурвање на улсовите за одвивање на наставата во училиштето „Братство и единство“.

Стојаноски најави дека веќе е завршена пресметката за реконструкција на повеќе училишта во Охрид, меѓу кои и „Братство и единство“, така што следува изработка на проектите за реконструкција.

– Преку помошта од пријателите како денешните, но и преку други донатори, локални компании, наши иселеници и со сериозни инвестиции од буџетот на општината предвидени за идната година ќе се спроведат активности за подобрување на условите за настава во училиштата, рече Стојаноски.

Наставата во рамки на ОУ „Братство и единство“ се одвива во две постари згради, изградени во 1948 односно 1965 година каде настава следат речиси илјада основци.

– Со Турската агенција за меѓународен развој потпишан е протокол за изградба на целосно ново училиште. Најавено е на почетокот на идната година да отпочне реализација на тој проект, додека во вториот објект пристапено е кон решавање на одредени проблеми како замена на азбестниот покрив, неколку училници се реновирани, преку УСАИД заменета е дограма, истакна директорот на училиштето Џемал Мехмед.

Back To Top