skip to Main Content

Кои се новите министри во реконструираната влада

Кои се новите министри во реконструираната влада
  • 02.06.2018

Рената Тренеска-Дескоска – министер за правда

Министер за правда е Рената Тренеска-Дескоска, родена во 1972 година во Скопје. Дипломирала и магистрирала на Правниот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје, а докторирала на Правниот факултет во Љубљана во 2002 година. Тренеска-Дескоска од 1 јуни 2017 година до вчера беше министерка за образование и наука.

Од 1995 до 1998 година била демонстратор на Правниот факултет во Скопје, каде во 1999 се вработува како асистент, а во 2012 година е избрана за редовен професор на научната област уставно право и политички систем.

Избрана е за пратеник во Собранието на Република Македонија на изборите во 2014 и во 2016 година и е потпретседател на Собранието од септември 2015 до декември 2016. Од септември 2015 е шеф на делегацијата на Република Македонија во Парламентарното собрание на ОБСЕ.

Член е на Парламентарното собрание на Советот на Европа и на ад хок комисиите на ПССЕ за набљудување на парламентарните избори во Бугарија и на претседателските избори во Србија кои беа одржани оваа година. 

На предлог на Венецијанска комисија, Тренеска-Дескоска во 2012 година е избрана за член на Советодавниот панел на експерти за слобода на вероисповед на ОДИХР, членувала во работна група за подготовка на Националната стратегија за интеграција на Република Македонија во Европската унија (2003), а од 2004 до 2009 година била советник за уставни и правни прашања во Кабинетот на Претседателот на Република Македонија. 

Во нејзината професионална кариера се вбројуваат и пракса во Судот за човекови права во Стразбур (1998), студииски престој на Универзитетот во Ајдахо, САД (2001), учества на конференции и семинари во странство. Тренеска-Дескоска е автор и на трудови од областа на правото и политичките науки објавени на англиски и на книги и статии објавени на македонски јазик.

Арбер Адеми – нов министер за образование и наука

Новиот министер за образование и наука Арбер Адеми е роден на 25.09.1985 година во Куманово, дипломирал и магистрирал на Правен факултет при Универзитетот во Тетово, а докторирал на Универзитет во Тирана.

Адеми досега беше заменик министер во Министерството за образвование и наука, а од 2016 до 2017 беше вицепремиер за европски прашања.

Работи како професор на Правниот факултет на Универзитетот во Тетово.

Бил член на неколку работни групи за изготвување на закони, а има работено и како асистент на Правниот факултет на Универзитетот во Тетово и како консултант на министерот за труд и социјална политика.

Учествувал на повеќе меѓународни конференции во Македонија и странство и има повеќе публикации на научни трудови.

Зборува англиски јазик и има положено правосуден и нотарски испит.

Асаф Адеми – нов министер за култура

Новиот министер за култура, Асаф Адеми е именуван на предлог на крилото на Беса на Африм Гаши.

Адеми од 2013 година досега беше управен директор на канцеларијата на INSCALE Global во Скопје. Тој, како што се наведува во неговата биографија, ја менаџирал компанијата со околу сто вработени, која нуди услуги за развој на офшор на технолошките компании во Северна Европа, кои сакаат да ги зголемат своите капацитети за развој во областа на информатичката технологија.

Компанијата се занимавала и со испорака на услуги и комуникација за клиентите на INSCALE Global’s во цела Европа и Азија, како и менаџирање со конфликти меѓу вработените и клиентите, кои доаѓаат од различни култури.

Од 2009 до 2013 година Адеми е амбасадор во Данска. Од 2003 до 2009 година работи на различни позиции во општина Гостивар, како раководител на секторот за урбанизам и заштита на животната средина, раководител на одделението за локален економски развој и консултант во одделението за имплементација на проекти.

Асаф Адеми дипломирал на Градежниот факултет во 2002 година. Во неговата биографија се наведува дека е при крај со магистратурата по градежништво.

Новиот министер за култура, како што се наведува во неговата биографија, освен албански и македонски, одлично ги владее и англискиот, турскиот и српско-хрватскиот јазик, додека основни познавања има и од данскиот јазик.

Бардул Даути – нов министер без ресор

Бардул Даути е новиот министер без ресор во Владата на Република Македонија.

Даути дипломирал на Факултетот за економија и бизнис на Универзитетот на Југоисточна Европа-Тетово, магистрирал на Универзитетот во Стафордшире во Велика Бротанија, а докторирал на Универзитетот во Љубљана.  Од 2006 година бил ангажиран на Универзитетот во Тетово на повеќе работни позиции. 

Од 2016 до 2017 година бил пратеник во Собранието на Република Македонија од Демократската партија на Албанците (ДПА), а од 2012 до 2016 бил советник во општина Тетово.

Во 2014 година бил потпретседател на ДПА. Учествувал и на неколку работилници од областа на политиката. 

Даути има издадено повеќе книги, а неговите научни трудови се објавени во економски списанија. 

Back To Top