skip to Main Content

Керим и Станисављева два месеци недостапни за СЈО

Керим и Станисављева два месеци недостапни за СЈО
  • 21.12.2018

Поранешните први луѓе во „Медија принт Македонија“, Срѓан Керим и Јана Станисављева, веќе два месеца се недостапни за специјалното јавно обвинителство.

Како што пишува „Макфакс“, нивната трага се губи од почетокот на октомври, кога и ја напуштиле Македонија. Тоа се случило веднаш по првичниот распит во СЈО. Оттаму засега не побарале мерки со кои би го обезбедиле нивното присуство.

Групата што ја истражува СЈО во предметот „Империја“ е проширена токму за предметот со стечајот на МПМ. „Макфакс“ дознава дека Керим преку скопскиот аеродром заминал кон Виена, а неколку дена подоцна со авион заминал за Дизелдорф.

Во Виена беше канцеларијата на Керим во времето кога тој директоруваше со групацијата ВАЦ за Југоисточна Европа. Тоа беше и местото каде што неофицијално требаше да биде испорачано шишето со 750 илјади евра, со кое беше фатен неговиот личен возач.

Јана Станисављева, која беше на распит во СЈО, а на јавноста ѝ стана позната по тоа што од МПМ примала месечна плата од 1,4 милион денари според менаџерскиот договор, според сознанија на „Макфакс“, е надвор од државата. Таа во два дена двапати ја напуштила државата, а по второто излегување, повеќе не се вратила. Неофицијално, била остварена и телефонска комуникација помеѓу Станисављева и притворениот Сашо Мијалков токму за случајот „Империја“.

Домашна компанија од ексгаздите на МПМ побарува неколку стотици илјади евра. Фирмата, која се занимава со јавно огласување, веќе поднела и кривична пријава.

Керим и Станисављева на 13-ти септември беа повикани како сведоци во истрагата, што ја води обвинителството за финансиски злоупотреби во компанијата.

Back To Top