skip to Main Content

Кежаровски: Не можам да им простам што ме сместија во затвор, еден ден во келија го менува човекот

Кежаровски: Не можам да им простам што ме сместија во затвор, еден ден во келија го менува човекот
  • 25.05.2018

За неколку дена се навршуваат пет години од апсењето на новинарот Томислав Кежаровски – политичко местење, како што го оценија голем број меѓународни организации и домашната новинарска фела. Тој и денеска стои на ставот дека не издал идентитет на заштитен, туку дека тоа било обид да го спречат во истражувачката работа. Последното што го работел била сообраќајната несреќа во која загина новинарот Никола Младенов. Од изборите во 2006 година работел на дузина случаи во кои биле инволвирани високи политички структури од тогашната власт. Вели дека главниот мотив за апсењето се разоткрива преку прислушкуваните разговори меѓу поранешниот портпарол на МВР Иво Котевски и екс министерката за внатрешни Гордана Јанкуловска. Вели дека него го апселе повеќе полицајци отколку лидерот на Ал Каеда, Осама Бин Ладен.

-Единственото што ми го одзедоа беше мобилниот телефон. Тоа наведува на фактот дека најповеќе ги интересираа разговорите. Тие не правеа претрес кај нас, само го одзедоа мобилниот телефон со записник и тргнавме. Кога стигнавме во судот, кога видов кој е истражен судија, повеќе од јасно ми беше дека ќе одам во затвор, вели Кежаровски.

Кежаровски ја истражувал токму судијката што му судела и смета дека пресудата била начин да се ослободи од него, а нејзиното објаснение било дека често го менувал телефонскиот број.

-Истражен судија ми беше Тања Михајлова. Токму за неа имав материјал од 30-тина страници, писмо што таа му го пишува на господинот Никола Груевски, тогашниот премиер, во коешто на 25 страници прави досие за 15-тина колеги судии во коешто ги кодоши за нивната работа и контакти. Во повеќе наврати контактирав со неа кога го добив тој материјал и барав изјава, објаснува Кежаровски за хронологијата на настаните.

Талкањата низ келиите во затворот во Шутка Кежаровски ги опишува во неговата книга „Живот во кутија“, а веќе најавува и нова, што ќе им ја посвети на нарачателите на неговото апсење.

-Тогаш веќе ќе има лепеза од детали кој на кого, како, зошто и што беше во суштина вистинската причина за моето апсење и одење во затвор, вели Кежаровски.

Тој е уверен дека ако фелата не го кренела гласот, ќе имало и други апсења на новинари. Раскажува дека затворот го менува човекот, остава трајни последици колку и да се обидуваме да бидеме силни. Запрашан дали би им простил на своите занданџии, вели дека се крши во себе.

-Не се ситам, само заради нивните семејства. Можам само да кажам дека треба да влезат само да ја почувствуваат голготата, макар и на два дена, за да им простам. Кој што си сторил, ќе си одговара. Во една прилика до мене дојдоа неколкумина што биле замешани во мојот случај. Побараа прошка од мене. Јас тие луѓе не ги познавам, ниту ме интересира кои се, вели Кежаровски.

Back To Top