skip to Main Content

Кацарска: Мицкоски нека спие мирно, кај мене нарачани пресуди нема

Кацарска: Мицкоски нека спие мирно, кај мене нарачани пресуди нема
  • 19.03.2019

Судијката Добрила Кацарска вели дека замената на гаранциите на обвинетите за „27 април“ со притворска мерка не е преседан во македонското судство.

-Гаранциите биле во фаза кога се судеше предметот. Притворите се определени кога веќе се изречени казните затвор. Тука има разлика, вели Кацарска и додава дека не била само висината на казната, туку биле ценети и повеќе елементи.

Во врска со реакцијата на осудениот поранешен шеф на БЈБ Митко Чавков дека судот прелесно ги прифаќал белешките од МВР, конкретно за неговата вила на Халкидики, Кацарска вели дека не е член на Кривичниот совет, кој ја донел одлуката за притворот на Чавков.

За реакциите на ВМРО-ДПМНЕ дека Македонија е заробена држава во која е укинато владеењето на правото, односно „Кацарска судството“, „Русковска обвинителството“ и „заевизмот“, Кацарска изјави дека кога првпат ги слушнала од лидерот на партијата Христијан Мицкоски овие зборови, слатко се насмеала.

-Мицкоски како да сака да стави знак на равенство меѓу мојата и работата на некои судии од едно не така дамнешно време. Мицкоски е претседател и член на политичка партија. Можеби има сознанија дека некој некогаш нарачувал пресуди, но пред целата македонска јавност, достоинствено ќе кажам дека за безмалку 33 години судиски стаж, никој не се осмелил да ми каже каква пресуда да донесам. Бев судија во време што се нарекуваше едноумие, кога премиери беа Црвенковски, Георгиевски, Бучковски, Груевски и сега Заев. Никој од нив никогаш не се осмелил да ми се јави и да ми каже како да судам и каква пресуда да донесам. Можеби затоа сум сѐ уште судија на прв степен со докажана работа. Јас мирно спијам. И на Мицкоски ќе му порачам, нека спие мирно, кај мене нарачани пресуди нема, ниту имало, ниту ќе има, вели Кацарска.

Back To Top