skip to Main Content

Кастрација на домашните кучиња и табли за присуство на куче на влезните врати предвидуваат законските измени

Кастрација на домашните кучиња и табли за присуство на куче на влезните врати предвидуваат законските измени
  • 08.01.2019

Задолжителна кастрација на домашните кучиња и зголемување на глобите предвидуваат измените во Законот за заштита и благосостојба на животните, кои денеска треба да се разгледуваат на собраниска седница.

Измените се предложени од пратениците: Маја Морачанин, Лилјана Поповска, Никица Корубин, Ирена Стефоска, Ивана Туфегџиќ, Милева Ѓоргиева, Шпреса Хадри, Мирсада Емини Асани, Снежана Калеска Ванчева.

Во членот 27 од постоечкиот Закон, се предлага вметување на нов член, кој гласи:

„Сопствениците на кучиња во репродуктивен период се должни да ги кастрираат, односно ојаловат своите кучиња во установите од ставот (1) на овој член, освен оние сопственици што имаат регистрирано одгледувачници на кучиња. Трошоците за овие постапки се на товар на сопствениците на кучињата.“

Измените во законот предвидуваат и зголемување на глобите од 100 на 700 евра доколку сопствениците на кучиња не ги пријавуваат своите миленици еднаш годишно во ветеринарните амбуланти, клиники и болници овластени за спроведување на ветеринарно здравствена заштита. Сопствениците и сега се обврзани да ги регистрираат и пријават кучињата на свој трошок, но глобата за непочитување на оваа обврска до сега изнесуваше 100 евра.

700 евра ќе треба да плати и сопственикот кој нема да истакне табла на влезната врата од домот со која се укажува на присуство на куче, исто така кога нема да го држи своето куче врзано на јавно место, или кога нема да пријави легло од своите животни во овластена ветеринарна амбуланта.

Back To Top