skip to Main Content

Карл Билт за „Вашингтон Пост“: Француското вето за С. Македонија е стратешка катастрофа за ЕУ

Карл Билт за „Вашингтон Пост“: Француското вето за С. Македонија е стратешка катастрофа за ЕУ
  • 27.10.2019

Речиси и да нема сомнеж дека Брегзит е стратешка катастрофа за Европската унија, но малкумина изгледа сфаќаат дека ЕУ се движи кон уште една стратешка катастрофа, овојпат на Балканот, пишува поранешниот шведски премиер Карл Билт во колумна за весникот „Вашингтон Пост“, пренесува СДК.

Тој вели дека минатонеделното француско вето за отворање на пристапните преговори на ЕУ со Северна Македонија наспроти волјата на останатите членки веројатно го урниса деценискиот стратешки пристап на ЕУ кон Балканот.

„Во 2003, како дел од самитот во Солун, лидерите на ЕУ формално се обврзаа да ја отворат ЕУ за членство на сите земји од Западен Балкан. Оттогаш, ова беше светилник што ги инспирираше и ги водеше политиките во регионот со барања за реформи на економиите и општествата, надминување на поделбите од минатото и подготовка за европската иднина. Тоа секако не беше лесно и напредокот беше бавен во одредени области, но во регион секогаш растргнат меѓу силите на интеграција и распад, балансот јасно се помести од второто кон првото, најмногу благодарение на европската перспектива. Проектот беше ставен под знак прашање со француската одлука за Северна Македонија. Никој не верува дека членството на Северна Македонија во ЕУ ќе се случи веднаш. Тоа беше прашање на почнување на децениски процес на преговори и реформи“, пишува Билт во колумната.

Всушност, вели Билт, Договорот од Преспа меѓу Северна Македонија и Грција што реши долготрајниот спор за името меѓу двете земји требаше да биде де факто предуслов за почнување на патот кон ЕУ. Сега, вели тој, Париз вели дека тоа ќе треба да почека на некакви непрецизирани реформи во ЕУ во наредните години, а можеби и децении.

Back To Top