skip to Main Content

Кандидатурите за претседател треба да се достават до ДИК најдоцна до 21 март

Кандидатурите за претседател треба да се достават до ДИК најдоцна до 21 март
  • 18.03.2019

Кандидатите за претседател на Републиката, до Државната изборна комисија треба да ги поднесат кандидатурите најдоцна до 21 март, а изборната кампања треба да почне на 1 април. За официјализирање на претседателската кандидатура потребно е претендентите за шеф на државата да достават 10.000 граѓански или 30 пратенички потписи.

Во трката за шеф на државата потписи собраа тројца кандидати, Стево Пендаровски од СДСМ и коалицијата, Гордана Силјановска Давкова од ВМРО ДПМНЕ и Блерим Река од албанската опозиција.

Собирањето потписи започна на 23 февруари, а заврши на 9 март. Доставувањето, пак, на кандидатурите завршува на 21 март.  На 14 март истече рокот за увид во избирачкиот список и пријавувањето за гласање на дисјаспората.

ДИК најдоцна до 19 март треба да го достави избирачкиот список на увид до партиите, кои во рок од пет дена имаат право да бараат запишување, дополнување и бришење на податоци. Потоа ДИК во рок од три дена решава по барањето. Против решението политичките партии имаат право да поднесат тужба до Управниот суд. Избирачкиот список во кој се содржани сите промени кои произлегле од јавниот увид отпечатен во вид на изводи, ДИК го заклучува најдоцна до 29 март.

Првиот изборен круг за шестите претседателски избори е закажан за 21 април, а вториот ќе се одржи на 5 мај. По кој реден број ќе се најдат кандидатите ДИК ќе утврди на 25 март со ждрепка.  Кампањата преку која кандидатите ќе ја бараат довербата од гласачите почнува на 1 април и ќе трае до 19-ти по што следува предизборниот молк. Гласачите ќе избираат претседател на Републиката  21 април.

Болните и изнемоштени лица гласаат ден порано во своите домови како и затворениците и лицата кои се наоѓаат во притвор ќе избираат претседател еден ден порано во КПУ. На 20 април гласаат и избирачите кои на денот на гласање се на привремена работа или престој во странство и своето право можат да го остварат во дипломатско конзуларните претставништва.

Втор круг на гласање ќе има доколку ниту еден кандидат за претседател не го добил потребното мнозинство гласови и тогаш гласачите ќе бираат помеѓу двајцата кои освоиле најмногу гласови. Кампањата за втор круг завршува во 24:00 часот на  03 мај, а  гласањето се одржува на 5 мај. Победник на изборите е еден од двајцата кандидати кој во вториот круг освоил повеќе гласови, но под услов да биде остварен цензусот односно доколку гласале повеќе од 40 отсто од запишаните избирачи. Доколку и во вториот круг на гласање ниту еден од кандидатите за претседател не го добил потребното мнозинство гласови, се повторува целата изборна постапка.

Back To Top