skip to Main Content

Камчев и Трајковска сведочеа во „Тортура“

Камчев и Трајковска сведочеа во „Тортура“
  • 05.07.2019

Во преполна судница, без клима, се одвиваше денешното рочиште за случајот „Тортура“. За разлика од минатиот кога во судница не дојдоа новинарката Оливера Трајковска и бизнисменот Орце Камчев, овој пат тие сведочеа за „бомбите“ во кои се слушаат нивните гласови. Не беше присутен само поранешниот потпарол на МВР , Иво Котевски. Прва со давање исказ заврши Трајковска, па наместо да ја напушти судницата, таа го следеше сведочењето на Камчев, по што заедно излегоа од Кривичен. На излегување од судница, бизнисменот  ја прегрна новинарката  и задоволно им позираше на медиумите.

Трајковска во својот исказ, не ја негираше автентичноста на телефонскиот разговор со Камчев, на денот на апсењето на Бошковски. Во однос на бомбите кои ги слушнала во СЈО, а се однесува на овој случај немала што да додаде.

„Се сеќавам живо на разговорот од снимката, зашто што тоа е ден после изборниот резултат и победата на ВМРО-ДПМНЕ. Треба да разберете дека не ги помнам датумите, туку ги помнам настаните, кои како новинар ги сметам за интересни. На критичниот ден, Камчев ми кажа дека ќе за еден час ќе се случи нешто. Информацијата ја добил од „пријателот“ за мене тоа е Сашо Мијалков. Јас не го ословував со „пријателот“, туку како „телефонистот“, поради прислушуваните разговори“ рече Трајковска во својот исказ.

За апсењето на Бошковски, Камчев во својот исказ рече дека се информирал од медиумите. Тој додаде дека не се сеќава дали дента разговарал со Трајковска, бидејќи се слушнал со многу луѓе. За бомбите рече дека не ги признава, бидејќи истите може да се сечени,лепени,монтирани.

„ Познато ми е тоа што сите го видовме на телевизија. Одреден човек примил мито за да го менува името и морал да биде уапсен. Стотина пати зборував дента, со стотина луѓе. Не е забрането да се разговара за криминал “ рече Камчев во својот исказ.

Следното рочиште е закажано по судската ферија, на 13 септември.

 

Back To Top