skip to Main Content

ЗНМ во брачна постела со СДСМ- Управниот одбор тврди дека партијата нема да влијае врз здружението

ЗНМ во брачна постела со СДСМ- Управниот одбор тврди дека партијата нема да влијае врз здружението
  • 20.06.2019

Управниот одбор на ЗНМ не гледа ништо спорно во тоа што сопругата на еден од членовите, Мишко Иванов доби партиска функција во СДСМ. Иако ова прашање, како што неофицијално дознаваме, отворило широка дебата помеѓу членовите, создало и незадоволство кај оние кои не се дел од Управниот одбор. Но од ЗНМ децидно одговараат дека формално нема конфликт на интереси.

„ЗНМ во континуитет е организација која критички ги опсервира процесите во општеството кон оваа и претходната влада и ќе продолжи да работи во таа насока. Сметаме дека изборот на брачниот партнер на новинарот Иванов, Татјана Стојановска во дел од телата на СДСМ на ниеден начин нема да влијае во работењето на ЗНМ“ – велат за 1ТВ.

Сепак, оттаму не беа во можност пред нашата камера да одговорат на дополнителни прашања за спрегата која се јавува помеѓу новинарското здружение и владеачката партија, особено ако се земе предвид фактот дека токму ЗНМ како глас на новинарите учествува во креирањето на законите кои ја регулираат новинарската професија. Критиките кон ова во јавноста беа многубројни, а дел се однесуваа токму на пасивната реакција.

Критики имаше и во таборот на СДСМ по изборот на новите лица во Извршниот одбор. Една од партиските членови, незадоволна од составот прашува:

„Немаме квалитетен кадар во СДСМ, па затоа позајмуваме од ДПМНЕ и ГРОМ!?“ – алудирајќи на тоа дека Татјана Иванова добива раководна партиска функција, иако во 2013 беше во Извршниот одбор на ГРОМ – партијата на Стевчо Јакимовски, која коалицираше со ВМРО- ДПМНЕ.

Христијан Баневски

Back To Top