skip to Main Content

Зеќири и Шилегов утре – Заев, Спасовски, Тодорoв и Мемеди во петок ќе сведочат во Кривичниот суд за собранискиот упад

Зеќири и Шилегов утре – Заев, Спасовски, Тодорoв и Мемеди во петок ќе сведочат во Кривичниот суд за собранискиот упад
  • 05.09.2018

Утре напладне во Кривичниот суд продолжува судскиот процес за собранискиот упад од 27 април минатата година. Судењето е во фаза на доказна постапка. За сведоци се повикани пратеникот Мухамед Зеќири и скопскиот градоначалник Петре Шилегов. Тие ќе одговараат на прашањата поставени од обвинителството и од одбраната.

За два дена во 10.00 часот, во Кривичен, треба да се појават четворица сведоци коишто се најавени и се очекува маратонско рочиште во Кривичен. За сведоци се повикани премиерот Зоран Заев, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, екс министерот за здравство Никола Тодоров и пратеникот Весел Мемеди, дознава 1ТВ. Заев трет, Спасовки последен ќе сведочи – двајцата владини функционери ќе одговараат на прашањата на обвинителката Вилма Рускоска и на одбраната.

Претходното рочиште траеше речиси 12 часа. Министерот за администрација и информатичко општество Дамјан Манчевски, пратениците од коалицијата на СДСМ Илија Николовски, Фросина Ременски и Павле Богоевски, беа првите сведоци.

За собранискиот упад во законодавниот дом покрај пратениците Крсто Мукоски, Сашо Василевски, Љубен Арнаудов, Љупчо Димовски и Јохан Тарчуловски, обвинети се и екс – директорот на БЈБ Митко Чавков, поранешни началници, разузнавачи, односно припадници на понискиот ешалон во МВР. На обвинителна клупа седат и организаторите на протестите од иницијативата „За заедничка Македонија“, Богдан Илиевски, Борис Дамовски, Игор Дурловски и Владо Јовановски. Меѓу 33-цата обвинети е и Александар Василевски – Нинџа, кој, според обвинението, во 14.39 часот на 27 април 2017 година добил повик од собраниското обезбедување на Никола Груевски, за подоцна да го мобилизира членството, купувањето на качулките, за по 18.00 часот да почне упадот во Собранието.

Back To Top