skip to Main Content

Земјите од Западен Балкан ќе иницираат заедничко признавање на дигиталните сертификат

Земјите од Западен Балкан ќе иницираат заедничко признавање на дигиталните сертификат
  • 12.04.2018

Седум премиери, 50-тина делегации и над 400 учесници го имаат потврдено учеството на Дигиталниот самит на Западен Балкан што ќе се одржи на 17 и 18 април годинава во Скопје. Вредноста на организирањето на Самитот е 245 илјади евра, а она што се очекува да произлезе од него е заедничка иницијатива за меѓусебно признавање на дигиталните сертификати.

– Самитот ги поврзува на едно место претставниците на владите, бизнисите, регионалните организации, граѓанското општество, академската заедница и младите со заедничка цел за размена на идеи и предлози за заедничко делување, рече на прес-конференција денеска министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски.

Додаде дека ќе се разговара за намалување на цените на роамингот, сајбер безбедноста, зголемување на дигиталните вештини на граѓаните и меѓусебно дигитално поврзување на земјите од регионот.

– Една од иницијативите што треба да произезе е заедничка иницијатива пред Европската комисија за меѓусебно признавање на дигиталните сертификати, што значи дигиталните потписи и печати. Заедничкиот настап ќе значи дека сме посветени да напредуваме заедно, да вложуваме заедно и да стасаме на ова ниво меѓусебно да ги почитуваме дигиталните сертификати, истакна министерот.

Додаде дека покрај одлуката за намалување на цените на роаминг со ЕУ и целосно укинување на роамингот меѓу земјите од регионот ова ќе биде еден од најголемите резултати на Дигиталниот самит.

– Македонија повеќе не  е изолирана земја, туку е земја која напредува и се стреми кон што е можно поголема поврзаност со своите соседи и градење добрососедски односи. Токму затоа во овие два дена во фокусот ќе биде како да се зголеми дигиталното поврзување и соработката во ИКТ сферата помеѓу земјите од регионот и ЕУ, потенцира Манчевски и додаде дека дигитализацијата и дигиталната трансофрмација оваа Влада ја гледа како огромна шанса за отворање работни места со достоинствени и многу повисоки плати.

Во однос на финансирањето на Дигиталниот самит рече дека отворено и транспарентно ќе го претстави финансирањето.

– Точно е дека е склучен договор по итна постапка со една од трите компании од кои се зедоа понуди. Од Буџетот на РМ ќе бидат потрошени 79 илјади евра и 166 илјади евра доаѓаат од различни помагатели на дигиталниот самит, односно 111 илјади евра се од компаниите учесници на Експото, 50 илјади евра од Регионалниот совет за соработка со седиште во Сараево, 5.000 евра од ГИЗ. Она што моравме да го констатираме е дека финалната конструкција на буџетот беше утврдена на 30 март и ние навистина во никаква процедура освен во крајна итност не можевме да ги спроведеме овие процедури. Втората опција беше да го откажеме Самитот. Но овие одлуки не зависеа од нас. Одлуките се носеа на ниво на Управувачкиот комитет во кој што членуваат претставниците на шесте влади на земјите од ЗБ, од Федералното министерство на Германија, Меѓународниот совет за соработка, ГИЗ, ЕК и Комисијата за економски односи со Источна Европа на Германија, појасни министерот.

Дигиталниот самит на Западен Балкан,  е дел од Берлинскиот процес и има за цел регионална координација и приближување на регионот до Европа.  Ќе учествуваат премиерите на сите земји од Западен Балкан, министрите одговорни за дигиталната агенда во земјите од ЗБ, земјите членки на министерско ниво или претставници од владите на земјите од Берлинскиот процес. Ќе учествува и еврокомесарот Јоханес Хан, еврокомесарот Марија Габриел, претставници на ЕК, Советот за економска соработка, претставници на ИТ индустриите и бизнис секторот, академската заедница, младите итн.

Парлалелно со Самитот ќе се одржи и Експо дел во кој компаниите од дигититалната сфера ќе ја презентираат својата работа, а ќе биде организиран и Камп за старт ап компании, како и конференција посветена на лажните вести.

Високата преставничка за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Федерика Могерини надвор од организацијата на Самитот ќе одржи вечера со сите премиери од земјите од Западен Балкан.

Најавено е учество на претставници од Австрија, Англија, Франција, Италија, Германија, Словенија и Хрватска.

Back To Top