skip to Main Content

За Заев нашата држава е Европа во мало, најскапоцената вредност е мултиетничкото општество

За Заев нашата држава е Европа во мало, најскапоцената вредност е мултиетничкото општество
  • 07.05.2019

Денеска не е ден за поделби, денеска е ден за сплотување и единство, за потврдување на соживотот, но и вербата во Бога, што меѓудругото повикува и на меѓусебно разбирање, почитување, поддршка, одговори премиерот Зоран Заев на барањето за коментар на говорот на претседателот Ѓорге Иванов на средбата со папата Франциск, во вилата „Водно“,  во кој упати неколку политички пораки.

– Имплементиравме многу европски вредности. Едно од најскапоцените вредности е мултиетничкото општество, да живееме и да се поддржуваме. Веруваме во вредностите на различните традиции и култури. За нас тоа е најдобриот дел од ЕУ, да живееме заедно без разлики. Ние сме Европа во мало, рече меѓу другото Заев одговарајќи на новинарско прашање дали мисли дека посетата на папата Франциск претставува поддршка кон евроатлантските интеграции.

Одговарајќи на новинарско прашање кои се неговите следни чекори, Заев посочи дека важна цел е членството во НАТО, а процесот на ратификација тече и веќе неколку земји го ратификуваа протоколот.

– Нашата цел е токму тоа  ЕУ и НАТО интеграции, Четиринаесет години се предолго чекање пред портите на ЕУ. Сметам дека ние постојано ги потврдуваме европските вредности, а тоа го направивме и денеска со посетата на папата. Мислам, и претходно го постигнавме на сега одржавните претседателски избори, рече Заев.

На прашањето за растечката нееднаквост, како последица на корупцијата, за животната средина и за лажните вести, Заев нагласи дека сите, пред се политичарите, но и новинарите и сите граѓани треба да учиме од мисијата што папата ја шири во светот- поголема верба помеѓу нас.

– Да ги искорениме сите овие слабости и девијантни појави кои се секојдневни, а продуцираат многу непријатни ситуации. Во Република Северна Македонија има многу работа на сите теми и лажните вести и консолидацијата во општеството, граѓанскиот аспект на живеење, одговорноста, транспарентноста. Сето тоа се вредности кон кои верувам сите тежнееме, рече претседателот на Владата.

Во овој регион, оцени, се случуваат прогресивни работи кои водат кон солидарност, кон меѓусебно разбирање и почитување.

– Можам да извлечам пристрасен заклучок. После постигање на Договорот за пријателство, соработка и добрососедство со Бугарија и постигањето Договорот од Преспа со Република Грција, за мене пораката е охрабрување дека треба да се прават договори, затоа што низ договори може да се гради подобар живот овде на Балканскиот полуостров, рече премиерот Зоран Заев на прес-конференцијата во Домот на АРМ во Скопје, од каде посетата на папата Франциск ја следеа и пренесуваа над 250 домашни и повеќе од 100 странски медиуми.

Back To Top