skip to Main Content

Затворен скандалозниот Дом за деца „25 Мај“ – децата сместени во три згрижувачки домови

Затворен скандалозниот Дом за деца „25 Мај“ – децата сместени во три згрижувачки домови
  • 27.07.2018

Со денешното отворање на три мали групни домови, практично се затвора скандалозниот дом за штитеници „25 мај“ чие име одекна во јавноста откако беше обелоденето дека неколку малолетнички биле сексуално злоставувани.  Во три објекти ќе бидат распределени 25-мина штитеници од домот кои ќе имаат 24 часовна грижа.

Овој потег на министерството е дел од проектот за деинституционализација, поддржан од УНИЦЕФ, а има за цел да ги затвори големите институции кои се покажаа како нефункционални.

18 нови лица се вработени за да се грижат за децата, а директорката на домот потенцираше дека, за разлика од претходно, сега децата ќе бидат внесени во образовниот систем.

Ресорната министерка Мила Царовска призна дека деинституцинализацијата е потребна токму поради неспособноста на службите. Беше прашана за последното бегство од СОС Детското село, а Царовска направи и паралела помеѓу овој згрижувачки центар и „25 мај“.

Во домот за штитеници „25 мај“ изби скандал кога јавноста дозна дека малолетничка која била жртва на сексуална експлоатација, абортирала на скопска гинекологија. За овој случај, 11 лица добија кривични пријави.  По овој се појавија уште слични случаи, а Народниот правобранител изјави дека отворил сопствена истрага за тоа каде завршуваат децата на малолетничките кои се пораѓаат и абортираат во државното породилиште. Истрагата, Омбудсманот, се уште не ја обелодени во јавноста.

Кристина Атовска

Back To Top