skip to Main Content

Законот за амнестија пратен на потпис кај претседателот Иванов

Законот за амнестија пратен на потпис кај претседателот Иванов
  • 19.12.2018

 

Законот за амнестија, откако вчера експресно го одобри Собранието, е пратен на потпис кај претседателот Ѓорѓе Иванов, по што за да стапи во сила, треба да биде објавен и во „Службен весник“.

Ова го соопшти претседателот на Собранието Талат Џафери, кој рече дека Законот ќе биде потпишан во најбрз можен рок.

Обвинетите за случувањата од 27 април минатата година во Собранието, според законот, ќе имаат пет дена да поднесат барање за амнестија. По барањата на обвинетите, во рок од нови пет дена ќе одлучува судот, односно Судечкиот совет кој го води случајот на чело со претседателката Добрила Кацарска, во консултација со јавната обвинителка која го поднесе обвинението, Вилма Русковска.

Амнестијата нема да ги опфати организаторите и подготвувачите, лицата кои извршиле физичко насилство, лицата со фантомки кои извршиле насилство, кои носеле оружје и експлозивни направи, како и службените лица кои ги пречекориле службените овластувања. Ќе бидат изземени и лицата кои се обвинети за здружување заради непријателска дејност согласно чл. 324 од КЗ, како што се согласија вчера членовите на Интерпартиската парламентарна група за реформи, интеграција и помирување.

Дел од адвокатите на обвинетите за „крвавиот четврток“ велат дека за сега немаат никаков став околу законот за амнестија и чекаат да излезе во „Службен весник“, да се консултираат со клиентите па потоа заедно да одлучат дали ќе испратат барање за амнестија до судот.

Back To Top