skip to Main Content

Заев: Суштината е дали „бомбите“ ќе се користат како доказ или не

Заев: Суштината е дали „бомбите“ ќе се користат како доказ или не
  • 10.09.2019

Суштинско прашање за Законот за јавното обвинителство не е барањето на опозицијата во врска со постапувањето по предметите на СЈО по 30 јуни 2017 година, туку дали „бомбите“ ќе се користат како доказ или не, изјави денеска премиерот Зоран Заев.

Во однос на црвените линии на опозицијата дека нема да прифати после 30 јуни 2017 да се отвораат нови случаи од страна на СЈО или обвинителството што треба да го наследи и можноста да се постигне компромис за тоа, премиерот Заев рече дека, барем како што е тој информиран од работните групи, во суштина горливоста на прашањето не е во тоа.

– Суштината според мене е дали бомбите ќе се користат како доказ или не, затоа што Уставот член 16, 17 и 18 од Кривичниот законик вели – кривично дело за кое што постојат индиции и аргументи не може да не се гони, насекаде во свет се гони. Ако не го гони СЈО, ќе го гони друго обвинителство. Надлежен орган за тоа е јавнообвинителскиот систем во државата и тука нема дали Заев, Мицкоски, СДСМ или ВМРО-ДПМНЕ нешто сакаат или не сакаат. Апсолутно, прашањето е доказите – дали бомбите ќе се користат како докази затоа што сите тие се индиции на крајот на денот, изјави Заев по настанот за реализација на проектот на ЕУ и Светска банка за развој на регионалната инфраструктура.

Затоа, посочи Заев, ако сакаме и ако сме одговорни ќе најдеме решение.

– Било кој ако биде ставен во позиција дека сака да ги уништи предметите, дека сака да ги омаловажи, да ги одложи или како било да им наштети ќе изгуби политички. Тоа е чувство кое што мораме да го споделиме. Јас верувам, барем така работните групи соопштуваат, ВМРО-ДПМНЕ не сакаат да ги уништи, така кажуваат дека не сакаат да ги уништи. Така да ги најдеме формулациите коишто ќе го дадат решението, изјави Заев.

Според Заев, се што може да биде индиција за криминал треба да се користи.

– Слушнат глас, разговор снимен или што било треба да се користи. Јас немам проблем да разговарам на такви теми. На крајот сето тоа е индиции. Ако постојат индиции за кривично дело, криминал или корупција или што било, секако треба тоа нашиот систем да го користи, секаде во светот се користи, така што немам предрасуди. Ако алудираат на тоа што е соопштено преку италијанските медиуми – да, треба да се користи. Ако нешто друго излезе – да треба да се користи за кој било, посебно за политичарите. Рековме, борбата беше да не се повтори никогаш повеќе, но секако индициите и модерните технологии и општество се повеќе ги вадат на површина, така да каков било криминал не може да се сокрие, вака или онака тој излегува на површина, а истражните органи треба тоа да го користат, изјави Заев.

Во однос на денешната средба, премиерот Заев рече дека ќе разговараат и дека постои решение.

– Ќе разговараме денеска на средбата. Постои решение. Што е важно – државата и меѓународната заедница и пријателски земји вложиле во системот. Системот не се само обвинители. Системот се и тие 92 вработени таму – стручни соработници, стручна административна служба, сето тоа е создаден систем. Системот е купените компјутери, архивската граѓа, бироата. Сето тоа е вредност за која што граѓаните дале пари, а помогнале и неколку земји. Верувам дека иднината на целиот систем треба да биде земена во предвид. Ќе се изнајдат начини како тоа да се реализира, изјави Заев.

Back To Top