skip to Main Content
ТОП ВЕСТИ
Јанева со полициска придружба замина за Гевгелија
Законски нејаснотии кој ќе управува со СЈО по приведувањето на Јанева
Судењето за „Монструм“ одложено за 5 септември
Се запали автубус на ЈСП во Ѓоче Петров
Косовското Собрание се самораспушти, се очекува датумот за избори
ЗА СЛЕДЕЊЕ НА ПРОГРАМАТА ВО ЖИВО: WWW.LIVE.1TV.MK
ПРОСЛЕДЕТЕ ГИ СИТЕ ВИДЕО СОДРЖИНИ НА YouTube КАНАЛОТ НА 1ТВ
НАЦИОНАЛНАТА ТЕЛЕВИЗИЈА 1ТВ СИТЕ ГЛЕДАЧИ МОЖАТ ДА ЈА СЛЕДАТ НА КАБЕЛСКИТЕ ОПЕРАТОРИ: MAXTV; VIP; TELEKABEL; NEOTEL; ONE.VIP; TOTAL TV

Вучиќ-Заев: Не се мешам во референдумот, ние ја почитуваме Македонија

Вучиќ-Заев: Не се мешам во референдумот, ние ја почитуваме Македонија
  • 02.09.2018

Премиерот Зоран Заев се сретна со српскиот претседател Александар Вучиќ на граничниот премин Табановце-Прешево. Двајцата разговараат за спроведувањето на проектот „One stop shop“ за интегрирано гранично управување.

Вучиќ истакна дека Србија и Македонија се пријателски земји, стратешки блиски и не е толку важно ако некогаш имаат тактички несогласувања или нешто слично. Тој порача дека Србија ги смета македонскиот народ и држава за искрено пријателски и дека ќе направи се тие односи да бидат исполнети со конкретна содржина.

Се што придонесува за стабилност на регионот, како решавање на спорот меѓу Скопје и Атина, е добро за целиот регион, рече српскиот претседател, одговарајќи на новинарско прашање за претстојниот референдум на 30 септември.

-Дали се радуваме или сме задоволни што Скопје и Атина ќе го решат проблемот, тоа е сигурно добра вест за Белград и за Србија. Но немам право да повикувам или не повикувам кого било на референдум, затоа што тоа би било нефер и директно мешање во внатрешните работи, а ние ја почитуваме Македонија, нагласи Вучиќ.

Рече дека Србија секогаш ќе реагира позитивно ако соседите ги решаваат проблемите и се договараат и изрази увереност дека тоа ќе биде поздравено.

Вучиќ му се заблагодари на Заев за ставот во врска со разговорите со Приштина, бидејќи целта мора да биде стабилност, мир и долгорочно решение. Најави дека со Заев ќе разговара за сите актуелни прашања, исто и за дијалогот со Приштина.

Зборувајќи за спроведувањето на проектот “One stop shop”, Вучиќ укажа дека тоа е еден од примерите каде што двете земји можат да постигнат многу. Рече дека е многу значајно за двете земји, за економијата и за туристите луѓето да не губат време, туку на едно место и двојно побрзо да ги завршат сите прегледи.

Со ова, како што рече, земјите би станале поконкурентни и повеќе товарни возила би ги користеле овдешните патишта наместо да поминуваат преку земјите од ЕУ, а со тоа би оставале и повеќе пари, што е добро за граѓаните од двете земји.

Овој концепт за првпат ќе се применува на овој граничен премин, со Република Србија, рече премиерот Заев, кој се заблагодари на Светска банка која преку Меѓународната финансиска корпорација ИФЦ, го поддржува ваквиот проект.

– Сето тоа е дел од заедничката економска агенда на Западен Балкан којашто ЕУ ја заокружи, а ние премиерите на Западен Балкан ја потврдивме на самитот во Трст.Навистина ми е драго што шенген механизмите ги воведуваме овде, односно ја носиме Европа овде на Блаканот, рече премиерот Заев.

Тој додаде дека ова е уште еден пример на големото пријателство на Македонија и Србија, кое секогаш, истакна, е докажано. Изрази уверување дека ќе расте во наредниот период и во делот на отворање на нови гранични премини на што, како што истакна, работат двете влади, како и на унапредување на соработката.

Вучиќ истакна дека според податоците од Светска банка, регионот губи околу една милијарда евра поради чекање на граница.

Премиерот Заев најави дека следува потпишувањето на билатералните спогодби, помеѓу царините, министерствата за внатрешни работи, фитосанитарните управи, ветеринарните служби кои наскоро ќе се преадаптираат, по што на заедничка средба на владите ќе се потпишат и официјално ќе започне овој проект за граѓаните на двете земји.

Вучиќ изјави дека со Заев разговарал неколку пати и за воспоставување на регионална економска зона, но и интегриран граничен премин. Укажа и дека има желба таков премин да се воспостави и со други земји, како со Црна Гора, но со ниедна друга не бил направен толкав напредок како со Македонија.

-Верувам дека ова ќе биде прво место каде што ќе имаме интегриран премин, рече српскиот претседател.

Ова е втора билатерална средба на Заев и Вучиќ, претходната се случи во ноември лани, кога македонскиот премиер го посети Белград.

Српската национална телевизија пишува дека двете земји последните години имаа добри билатерални односи, на кои сенка фрли навестувањето од Македонија дека може да го поддржи приемот на Косово во УНЕСКО, од што Приштина во меѓувреме се откажа.

Заев по средбата ја потврди заинтересираноста за унапредување на билатералните односи со Србија и поддршката за дијалогот Белград-Приштина, потсетува РТС.

Back To Top