skip to Main Content

Заев – Мајер: Силна поддршка од Германија за реформите и добрососедските политики

Заев – Мајер: Силна поддршка од Германија за реформите и добрососедските политики
  • 02.05.2019

Премиерот Зоран Заев денеска го прими државниот секретар на Министерството за внатрешни работи на Сојузна Република Германија Штефан Мајер, кој беше придружуван од германскиот амбасадор во нашата земја Томас Герберих.

Како што пренесува владината прес-служба, премиерот Заев на средбата ги пренесе впечатоците од последната средба со канцеларката Ангела Меркел во Берлин во рамките на Самитот за Западен Балкан и уште еднаш ја истакна благодарноста за поддршката што нашата земја ја добива од СР Германија и лично од канцеларката Меркел.

-Блиските пријателски односи меѓу двете земји се отсликуваат во повеќе области, со посебна нагласка на економската соработка, како и во соработката на прашањата за евроатлантските аспирации на Република Северна Македонија меѓу кои истакнато место има заедничката соработка на планот на безбедноста. Државниот секретар на Министерството за внатрешни работи на Сојузна Република Германија Штефан Мајер на средбата со претседателот на Владата на РСМ Заев ги пренесе поздравите од министерот за внатрешни работи на СР Германија Хорст Зихофер, и ја нагласи благодарноста на неговата земја за исклучително значајната соработка на двете земји на планот на безбедноста и на заедничките иницијативи во менаџирањето на бегалската криза, соопшти владината прес-служба.

На средбата во Владата заеднички е констатирано дека двете земји остануваат посветени на заемната поддршка и соработка и дека СР Германија продолжува да ја афирмира потребата Република Северна Македонија да ги отпочне преговорите со ЕУ во најавениот термин, како поддршка на остварените реформи и на решавањето на сите отворени прашања со соседите.

Back To Top