skip to Main Content

(Видео) Заев: Бизнисмените кои имаат информации за вмешаност на Финансиска полиција во „Рекет“ да го пријават тоа

(Видео) Заев: Бизнисмените кои имаат информации за вмешаност на Финансиска полиција во „Рекет“ да го пријават тоа
  • 19.07.2019

Доколку некој од финансиската полиција е вмешан во случајот „Рекет“, граѓаните веднаш да го пријават тоа. Ова е одговорот на премиерот Зоран Заев по изјавата на бизнисменот Зоран Азманов, кој директно ја посочи финансиската полиција дека има удел во случајот кој ја потресе македонската јавност. Иако не ја слушнал ниту прочитал изјавата на Азманов, Заев вели дека веднаш треба да се отвори истрага по допрен глас и да се посочи поединецот кој што тоа го направил.

– Јас прв пат слушам за ова, но давам директно коментар. Сите земји ја средиле својата правна држава и владеење на правото преку пријавување. Никој не бил толку инвентивен сам да ја средува државата. Граѓаните се тие на крајот што помагаат во ваквите постапки. Јас апелирам секој да пријави доколку некаде постојат индиции за незаконско однесување со сите аспекти кои ги споменав претходно, изјави премиерот Заев.

Азманов во изјава за медиумите вели дека државни институции и двајца функционери биле вклучени во случајот „Рекет“. Не ги посочи со имиња лицата за кои тврди дека се вмешани, но најави дека тоа ќе го стори пред надлежните.

– Зад него стоеле институциите на државата, кои ние ги плаќаме даночните обврзници. Ти да дискредитираш еден таков човек заради тоа што интерес имале некои градежни фирми, не од македонска националност, од другата националност, кои платиле огромни пари на Кики и Фрики, за да ме тргнат од пазарот на недвижности во Скопје, бидејќи тие фирми сакале да го земат 100 посто од пазарот. Па тука уклучена и Финансова полиција со огромни притисоци од Кики за по секоја цена Азманов се затвори, изјави Зоран Азманов, бизнисмен.

Азманов е еден од најгласните кои велат дека му бил баран рекет од Бојан Јовановски. Но пред неколку месеци иако претходно тврдеше дека бил рекетиран, Азманов се извини и изјави дека рекет не е вистинскиот израз.

– Не знам дали е прав изразот рекет. Еве се извинувам ако сум погрешил. Се извинувам, можеби тоа не е рекет, меѓутоа дека работите се решаваат со пари имаме и гледаме пред целата јавност, изјави на 19.02.2019, Зоран Азманов.

 Азманов кој најави дека ќе поднесе кривична против Бојан Јовановски повика истрагата за овој случај да се прошири и со специјалната обвинителка Катица Јанева, и да се истражи нејзината вмешаност во случајот.

Антонио Крстевски

Back To Top