skip to Main Content

Заврши распитот на осомничените за престрелката во Мала Речица

Заврши распитот на осомничените за престрелката во Мала Речица
  • 24.04.2018

Заврши распитот на 12-тте осомничени за инцидентот од 5 април кај седиштето на ДУИ во Мала Речица, кој заврши со убиство на Наип Реџепи од Куманово. Ранети беа неговиот брат Сабит, како и лицето Флорим Мисими. По завршувањето на распитот ќе следи групирање и селектирање на фактите или собраните докази, а потоа ќе се состави и обвинението.

Инцидентот се случи веднаш по одржувањето на состанокот на кумановскиот огранок на ДУИ во Мала Речица со лидерот на партијата, Али Ахмети, за надминување на долгогодишните спорови. Членот на разгранокот на ДУИ во Куманово и општински советник Фериз Дервиши тврдеше дека случајот нема политичка позадина бидејќи жртвата Наип Реџепи неколку пати бил провоциран.

Дервиши тогаш изјави и дека на состанокот, поранешниот потпретседател ДУИ, Назми Беќири добивал закани. Сепак, токму Беќири по инцидентот, на својот профил на Фејсбук, напиша дека убиството се случило по средба на ривалските групи за управување со огранокот на ДУИ во Куманово.

Тој дури тврдеше дека од Али Ахмети барал средбата да се одложи додека не се смират страстите. Недоразбирањата околу управување со разгранокот на ДУИ во Куманово постојат со години, а во јуни 2015 година, беше убиен кандидатот за претседател на разгранокот, Џемаил Реџепи, познат како командант Шќипоња.

Back To Top