skip to Main Content

Забрчанец: Успехот што го славиме е историски

Забрчанец: Успехот што го славиме е историски
  • 16.07.2018

Дебатата за тоа дали Македонија требаше да го слави датумот за членство во НАТО или денот кога ќе влеземе во Алијансата е легитимна, Владата ги слушна различните мислења и ги поддржа дебатите, вели Марјан Забрчанец, советникот за односи со јавност на премиерот, но за него нема дилема дека требало да се прослави ваков историски момент за државата, кој е успех на повеќе влади од самостојноста. Како што објасни, настанот бил организиран во кус рок и поминало без реклами и промоции, така што настаните биле сосема добро посетени.

-Опозицијата обвинува за непосетеност и фијаско. Во исто време, портали коишто очигледно навиваат за опозицијата со бомбастични наслови пуштаа бомбастични видеа и фотографии од други настани, на коишто наводно нема луѓе во публика, вели Забрчанец.

Тој го повтори ставот дека власта не планира да носи луѓе со автобуси за да демонстрира масовност и токму затоа прославата била дисперзирана во 15 градови.

-Ние денес славиме момент што ќе не однесе напред, што ќе обезбеди иднина за македонските граѓани, стабилност, безбедност, економски раст и во исто време знаеме дека поканата ја добивме заради договорот со Грција. И во исто време добивме зајакнат и заштитен македонски идентитет, изјави Забрчанец.

За изведувачите што се откажаа од настапите, тој вели дека станува збор за само тројца од 45, и тоа затоа што биле цел на негативна кампања во која учествувале опозицијата и други центри.

-Проблемот што се појави со неколку од изведувачите е конструиран од комуникациски центри кои имале намера да ги оквалификуваат како предавници оние што ја изведуваа музиката или присуствуваа на настаните, рече Забрчанец.

За договорите со нив, од кои еден се најде и на социјалните мрежи, вели дека биле транспарентни и владата со нив нема никаков спор, туку лесно ќе ги раскинат. Еднакво транспарентно било, како што рече, и објавувањето на потрошените пари за прославата, нешто што не го правела опозицијата и за чиишто настани и ден денес не ни може да се најдат сметките.

Back To Top