skip to Main Content

ЕК би сакала процесот на преговори со Северна Македонија да започне во јуни

ЕК би сакала процесот на преговори со Северна Македонија да започне во јуни
  • 03.04.2019

Европскиот комесар за проширување Јоханес Хан, вчера пред комисијата за надворешни работи на Европскиот Парламент повтори дека очекувањата на Европската Комисија се дека во мајскиот извештај ќе препорача отворање на преговори со Северна Македонија, јави дописничката на МИА од Брисел, доколку бидат исполнети поставените услови.

Комесарот уште еднаш повтори дека започнувањето преговори со Македонија, која не само што испорача реформи, туку е и единствената земја во регионот која нема ниту еден отворен спор со соседите, е прашање на кредибилитет за Европската Унија.

-Во мај ќе ги презентираме извештаите за напредокот за земјите и очекуваме дека врз основа на тоа што ќе го констатираме ќе дадеме препорака за Северна Македонија и Албанија, дека тие треба да влезат во подготвителната фаза на преговорите, посебно после позитивниот развој во Северна Македонија, рече Хан пред пратениците.

Еврокомесарот пред европските пратеници се обиде и да ги смири скептичните и загрижените земји кои се противат на брзо отворање на преговорите со Македонија со тоа што ги потсети дека станува збор за постепен процес.

-Сакаме да го започнеме овој иницијален процес кон пристапни преговори, сите стануваат нервозни кога се зборува за оваа идеја, но оваа клучна одлука само ќе значи дека можеме да започнеме со подготвителната работа за отворање на првото поглавје, и тука повторно треба да има едногласна одлука поддржана од сите земји членки за тоа кои ќе бидат одредници за отворање, односно критериумите за отворање на преговорите пред воопшто да започнат тие преговори, но ќе биде јасен сигнал до нашите партнери дека ако испорачале, тогаш и ние мораме да испорачаме, прашање на доверба и на политичко влијание во регионот е ова, им рече комесарот на пратениците, рече Хан.

На прашање на МИА дали има некакви промени во односот на ЕК кон Скопје и кои се неговите очекувања за јунскиот Совет каде треба да се разговара за проширувањето, Хан одговори: -Ништо не очекувам и не сакам да шпекулирам, сакам да бидам кристално јасен дека она што се обидуваме да го постигнеме е договор за да почнеме да ги подготвуваме преговорите, реков дека е прашање на кредибилитет и одговорност како ЕУ, да се започне процесот, чиј следен чекор ќе биде отворање на следните поглавја“.

Доколку во јуни земјите членки го стават проширувањето на дневен ред, како што се планира, Северна Македонија, ако се исполнети поставените услови, би требало да добие зелено светло за старт на преговорите со ЕУ. Во тој случај, земјите членки и даваат мандат на ЕК да изготви преговарачка рамка со Македонија, документ кој ги поставува темелите на преговорите. Македонија исто така треба да изготви својата преговарачка рамка. Овој мандат потоа треба да биде усвоен повторно од земјите членки, кои имаат право и да поднесуваат измени на овој документ, по што може да се свика и првата меѓувладина конференција која официјално го означува стартот на преговорите.

По стартот на преговорите се одржува билатерален скрининг по поглавје, за разлика од досегашниот подготвителен скрининг, Македонија на овие состаноци ќе реферира пред европските партнери за својата подготвеност да го отвори даденото поглавје, по што формално се отвора поглавјето. За некои поглавја се поставуваат одредници за отворање и за затворање(benchmarks), тука земјите членки повторно имаат можност да блокираат доколку не се задоволни.

Back To Top